28/03/2024
Македонија

Учениците од „Нова“ истражуваа дали играњето видео игри ги подобрува рефлексите

Дали кофеинот влијае на растот на растенијата? Која фрекфенција на звукот го гаси оганот за најкратко време? Дали играњето на видео игри ги подобрува рефлексите? Ова се само дел од прашањата на кои учениците од меѓународното училиште „Нова“ се обидоа да најдат одговор, а проектите ги презентираа на Саемот на наука кој се одржа вчера во оваа образовна институција.

Околу 130 деца од шесто, седмо и осмо одделение ги презентираа своите истражувања на различни теми и посетителите можеа да погледнат проекти насочени кон прашања од типот дали времето на магнетизирање на иглата влијае врз функционирањето на компасот; кој е најогноотпорен материјал; како соларниот панел влијае врз температурата на просторијата итн. Ова е десетто издание на традиционалниот саем на наука и досега стотици ученици во „Нова“ имаат презентирано истражувања од повеќе научни сфери.

„Со оглед дека станува збор за јубилејно издание на Саемот одлучивме да направиме пресек на претходните изданија и да им дадеме простор на учениците да реализираат проект кој ќе биде инспириран од претходните теми на овој настан. Воодушевени сме од креативноста на децата и воедно од фактот дека се избраа толку многу атрактивни теми на кои многумина би сакале да го знаат одговорот. Саемот е традиционален настан во „Нова“ и среќни сме дека токму преку него мотивираме многу наши ученици да го продолжат образованието во универзитети кои се етаблирани во полето на природните науки.“ – велат од меѓународното училиште „Нова“.

Професорскиот и менаџерскиот тим на оваа образовна институција посочува дека со овој начин на работа им се дава можност на учениците да се впуштат во тимска работа, самостојно истражување, критичко размислување, експериментирање, моделирање и донесување на заклучоци врз база на добиените резултати.

Интересот за Саемот за наука е исто така голем и кај пошироката јавност поради што вратите на „Нова“ вчера беа отворени за посетителите. Настанот секоја година се одржува под различно мото и досега биле обработени теми како: „Спортот и науката“, „Во светот на иновациите и технологијата“, „Познати научници и нивните откритија“, „Да ја заштитиме животната средина“, „Здравјето е најголемо богатство“ итн.