25/04/2024
Македонија

Учество на МНР Димитров на Самитот за Западен Балкан во Лондон

МНР Никола Димитров, на 9 и 10 јули 2018 г. во Лондон, ќе учествува на петтата Kонференција на високо ниво за Западен Балкан (Самит), под покровителство на британскиот премиер Тереза Меј.

Конференцијата се организира во рамките на „Берлинскиот процес“, чии членки се шесте земји од Западен Балкан (Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија), и петте земји-членки на ЕУ: Германија, Aвстрија, Франција, Италија, Велика Британија. Во својство на набљудувачи во процесот учествуваат Словенија и Хрватска.

Покрај политичката и економската агенда на Самитот на Берлински процес, оваа година во Лондон, се вклучува и темата за безбедност.

Во рамки на програмата на Министрите за надворешни работи, предвидени се дискусии поврзани со реформската агенда во контекст на евроинтеграцискиот процес на земјите од З. Балкан, билатералните односи, како и глобалните безбедносни и миграциски предизвици.

На маргините на Самитот во Лондон, МНР Димитров, заедно со еврокомесарот Јоханес Хан, во вторник, на 10 јули, ќе имаат воведно излагање во Чатам Хаус, Британскиот кралски институт за меѓународни односи, на панел дискусијата „По Берлинскиот процес – иднината на регионот во следната декада“, посветена на З. Балкан.