20/04/2024
Македонија

Учество на МНР Димитров на вториот состанок на министрите за надворешни работи на балканските земји и вишеградската група, Сунио (Атина)

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на покана на својот грчки колега, Никос Коѕијас, ќе учествува на вториот состанок во проширен состав на министрите за надворешни работи од Балканот и Вишеградската група, во таканаречениот формат „Балкан 4 плус Вишеград 4 плус“, што ќе се одржи на 10 и 11 мај, 2018 година, во местото Сунио, во близина на Атина.

Покрај стандардниот формат од минатата година во Будимпешта, каде учествуваа министрите за надворешни работи на четирите земји членки на ЕУ од Балканот – Грција, Република Бугарија, Република Хрватска и Република Романија, плус Република Словенија, за прв пат се поканити и земјите – кандидати од овој регион – Република Албанија, Република Македонија, Република Србија и Црна Гора, плус Босна и Херцеговина. Земјите од Вишеградската Група ќе бидат претставени од министрите за надворешни работи на Република Полска, Република Унгарија, Чешката Република и Република Словачка.

Главната дискусија на состанокот е насловена „Иднината на Европа и проширувањето на Европската унија“, на која се очекува воведни излагањa и свои видувања да изнесат проминентни академици и експерти. Исто така, министрите ќе имаат прилика да се осврнат и на прашањето околу енергетската безбедност и нејзиното значење за регионалната и меѓу-регионалната соработка.

Се очекува, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на маргините на состанокот да одржи и повеќе билатерални средби.