28/03/2024
Спорт

УЕФА го одложува ЕУРО 2020 за 12 месеци, Македонија на почетокот на јуни ќе се бори за место на ЕП

Соопштение по денешната видео конференција на УЕФА и раководствата на 55. членки на Европската фудбалска Асоцијација. 

Приоритет се дава на завршување на домашните натпреварувања во солидарниот потег на УЕФА кој е без преседан. Воспоставени се работни групи за испитување на можностите за натпреварувањата во УЕФА Лига на Шампиони и Лига Европа за оваа сезона.

УЕФА денес го објави одложувањето на своето најголемо репрезентативно натпреварување, УЕФА ЕУРО 2020, кое требаше да се одигра во јуни и јули оваа година. Здравјето на сите вклучени во играта е приоритетно, како и избегнување непотребен притисок на националните јавни институции вклучени во организација на натпреварите. Ова одложување ќе помогне да се завршат сите домашни натпреварувања кои се моментално во прекин заради кризата со COVID19.  

Сите УЕФА натпреварувања и натпревари (вклучувајќи ги и пријателските) за репрезентации и клубови ќе бидат во прекин до следната објава. 

Баражите за УЕФА ЕУРО 2020 и меѓународните пријателски натпревари кои беа закажани за крајот на март ќе се одиграат во терминот за меѓународни натпревари на почетокот на јуни – по направена проценка на ситуацијата.

Беше воспоставена работна група во која се вклучени претставници на лигите и клубовите за да се преиспитаат можностите во календарот како би се завршила тековната сезона , како и да се оценат други можни последици од денешните одлуки.

Одлуките донесени од Извршниот комитет на УЕФА беа донесени по видеоконференциските состаноци со претседателите и генералните секретари на 55. сојузи членки, како и претставниците на Европската Клупска Асоцијација, Европските Лиги и ФИФПро Европа, оддржани од страна на претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, а со цел да се дојде до јасен план за да се избегне натрупувањето на натпревари во исто време, како последица на ширење на вирусот низ Европа.

При објавувањето на одлуките Александер Чеферин изјави:

“Се наоѓаме на чело на спорт за кој огромен број на луѓе живеат, а кој е приземјен од страна на овој невидлив и брзо-движечки противник. Токму во овие времиња фудбалската заедница треба да покаже одговорност, заедништво, солидарност и алтруизам.“

„Здравјето на навивачите, персоналот и играчите мора да биде наш врвен приоритет и во таков дух УЕФА наведе повеќе можности за натпреварувањата од оваа сезона да завршат безбедно, и се гордеам со одговорот на моите колеги од европскиот фудбал. Се почувствува вистински дух на соработка, каде сите се согласија дека треба нешто да се жртвува за да се постигне најдобриот резултат.

Особено беше важно УЕФА да го води овој процес како водечко тело на европскиот фудбал, а со тоа и да ја направи најголемата жртва. Поместувањето на ЕУРО 2020 ќе претставува огромен трошок за УЕФА, но ние ќе дадеме се од себе да продолжиме со виталното финансирање на грасрут активностите, женскиот фудбал и развојот на фудбалската игра во нашите 55. земји членки, кое ќе остане непроменето. Целта пред профитот беше наш водечки принцип кога ги носевме овие одлуки, за доброто на европскиот фудбал во целина.

Фудбалот е движечка и моќна сила во општеството. Самата помисла, да се организира пан – европски фестивал на фудбалот на празни стадиони, со напуштени фан зони додека континентот е во домашна изолација, е тажна и неприфатлива во година кога треба да ја прославиме 60 годишнината од шампионатот.

Би сакал да им се заблагодарам на Европската клупска Асоцијација, Европските Лиги и ФИФПро Европа за нивниот одличен придонес денес, како и за нивната соработка. Исто така, сакам да им се заблагодарам на претседателите и генералните секретари на 55. национални сојузи членки на УЕФА, како и на моите колеги од Извршниот комитет за нивната поддршка и за мудрите одлуки. Деталите ќе бидат разработени во следните неколку недели, но основните принципи се договорени, а тоа е голем исчекор. Сите покажавме дека сме одговорни лидери. Покажавме солидарност и единство. 

Цел наспроти профит. 

Ние денес го постигнавме овој постулат.

Исто така би сакал да му се заблагодарам на Алехандро Домингез и КОМНЕБОЛ кои се согласија да го поместат Копа Америка 2020 со цел да ги запазат препораките издадени од страна на меѓународните здравствени организации за активирање екстремни мерки и како резултат на одложувањето на ЕУРО 2020. Ова значи дека клубовите и лигите во Европа ќе имаат што е можно помалку нарушувања во достапноста на играчите. Овие заеднички напори, а особено овие координирани и одговорни одлуки ги цени цела фудбалска Европа.

Би сакал да се заблагодарам на ФИФА и претседателот Џани Инфантино кој порача дека ќе направи се што е потребно новиот календар да биде функционален. Соочувајќи се со оваа криза, фудбалот ја покажа својата најсветла страна преку отвореност, солидарност и толеранција.

УЕФА ЕУРО 2020 беше замислено да се организира во 12 градови низ Европа од 12 јуни до 12 јули, 2020 година. 

Новите предложени дати се 11 јуни – 11 јули, 2021 година. 

УЕФА сака да им порача на оние кои веќе имаат купено билети и ВИП пакети дека доколку не можат да присуствуваат на турнирот во 2021 година, вредноста на нивните билети и пакети ќе биде комплетно рефундирана. Во текот на следниот месец ќе се објават повеќе информации за процесот на рефундирање преку електронските адреси на купувачите на билети. 

Одлуките за одигрување на останатите УЕФА натпреварувања (клупски, репрезентативни, мажи и жени) ќе бидат навремено донесени и објавени.