УХМР: Променливо облачно и постудено време со повремен локален снег, дожд и ветер

Од УХМР известуваат дека времето денес ќе биде променливо облачно и постудено со повремен локален снеr, особено на запад и претежно претпладне. Во централните делови ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува засилен северен ветер најизразен на север во Кумановско, во делови од Скопско, во Штипско и кон југ долж Повардарието. Брзината на ветерот понекаде ќе надминува 70 км/час. Температурата преку денот ќе биде од 2 до 10 степени.

Според хидролошката информација на УХМР, се очекуваат врнежи (на повисоките места од снег, а на пониските од дожд) кои најпрво ќе ги зафатат западните делови од земјата за потоа во текот на ноќта да се прошират на целата територија на Р.Македонија.

Моменталните водостои на реките се релативно ниски и се под прагот на нивно излевање. Најавените врнежи не се очекува да претставуваат опасност за големите реки и освен зголемување на водостојот не се очекува да има услови за поплавување. Но, поради најавите дека на места врнежите можат да бидат и од пороен карактер и со силен интензитет, можно е кај малите реки и суводолиците брзо да дојде до формирање на површинското истекување и нагло да се зголеми нивниот водостој.

Имајќи во предвид дека после топлото време во изминатиот период, високите температури на воздухот и топењето на снегот, земјата е доста влажна и нивото на подземните води е зголемено, доколку процесите бидат интензивни и за кратко време наврнат поголеми количини на дожд можна е брза реакција на помалите реки и суводолиците и брзо слевање на водата во низводните делови а во исклучителни случаи можни се и слаби локални излевања на суводолиците особено на оние во западните и северните делови од земјата.

Во текот на денешниот ден се очекува да настапи заладување на времето и врнежите ќе преминуваат во снег, така што во наредниот период (до крајот на работната недела) ќе нема опасност од нови поголеми зголемување на водостоите на реките.

Поради најавениот засилен ветер од јужен правец во текот на денешниот ден можна е појава на бранови на Охридското Езеро.