28/03/2024
Спорт

Урош Иванковиќ од Србија успеа да го исплива растојанието од Св.Наум до Охрид

Осумнаесетгодишниот Урош Иванковиќ од Пирот, Србија, член на нуркачко-пливачкиот клуб „Пирот“ денес ја постигна својата цел и својот голем предизвик да плива во Охридското езеро од Св.Наум до Охрид.

Урош стартуваше во 9 часот од Св.Наум каде најпрвин му беа извршени потребните медицински прегледи. Во прекрасни временски услови, мирно езеро, во придружба на медицински и спасителен тим на Црвен крст Охрид, поддржуван од своите родители и членови на нуркачко-пливачкиот клуб „Пирот“ Урош исплива растојание од 26 км од плажата на Св.Наум до градското пристаниште во Охрид за време од 7 часа и 15 минути.

Возбуден, Урош раскажуваше за кратката криза и грчеви на мускулите што ги имал при препливувањето во делот над Трпејца. Среќен за реализираниот подвиг Урош најави учество и на спортските пливачки манифестации на Охридското езеро, наредната година.

И овој спортски настан, кој воедно го промовира Охрид и Охридското Езеро како спортско-туристички потенцијал, беше во целосна организација на Црвен крст Охрид.