18/04/2024
Охрид

Успешно заврши 11. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура на НБРМ

Денес, успешно заврши Единаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, насловена како „Време е за дигитализација“, организирана од Народната банка на Република Македонија во соработка со Централната банка на Холандија. Изминативе три дена, во Охрид, претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка, како и претставници од домашниот финансиски сектор, дискутираа, полемизираа и разменуваа искуства за предизвиците на дигитализацијата на плаќањата. Особен придонес во овие дискусии имаа високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка.

Поздравувајќи го успешното завршување на уште една конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, вицегувернерката Маја Кадиевска-Војновиќ изрази задоволство од опсежните експертски излагања и дискусии коишто придонесуваат за унапредување на разбирањето на новите технологии и регулативи во платежната област, што би ја олеснило нивната примена во Република Македонија. Во тој контекст, вицегувернерката истакна дека НБРМ и Министерството за финансии подготвуваат Нацрт-закон за платежни услуги и платни системи со кој се транспонираат сет на најзначајните регулативи на ЕУ во оваа област. Со усвојувањето на овој нацрт-закон, чие подготвување е во завршна фаза, се очекува зголемување на конкуренцијата во сферата на плаќањата преку влез на нови небанкарски даватели на платежни услуги, појава на иновативни решенија за извршување на плаќањата, намалување на цените на платежните услуги, обезбедување подобра заштита на потрошувачите и унапредување на сигурноста на дигиталните плаќања.

„11 години по ред, НБРМ и Холандската централна банка во убавиот Охрид ја организираат меѓународната конференција за плаќања и пазарна инфраструктура. Ова 11-то издание беше фокусирано на предизвиците со кои се соочуваат регулаторите во услови на сѐ посилна дигитализација на плаќањата. Темата затоа беше „Време е за дигитализација“.  Како резултат на апликациите коишто овозможуваат плаќања со мобилни телефони, разликите помеѓу физичките и виртуелните места сѐ повеќе ќе исчезнуваат. Покрај ова, со инстант плаќањата се овозможува вршење плаќања 24 часа на ден, што го поддржува непреченото функционирање на економијата“, изјави претседателот на Конференцијата, Михил ван Дуверен, од Холандската централна банка. Тој, исто така, посочи дека НБРМ и Холандската централна банка го поддржуваат развојот на нови производи за извршување на плаќањата и влезот на нови нивни даватели, како што е секторот „Финтек“ и дека добрата соработка меѓу сите засегнати страни ќе обезбеди сигурна и стабилна инфраструктура за плаќања.

Во завршницата на Конференцијата, учесниците од Република Македонија, меѓу кои беа претставници на сите деловни банки, платните системи, како и потенцијалните нови даватели на платежни услуги од секторот „Финтек“, едногласно го споделија впечатокот дека нејзиното одржување носи големи придобивки за платежната индустрија во домашната економија, а дека во тој контекст, годишново издание ќе придонесе за совладувањето на предизвиците коишто со себе ги носи процесот на дигитализација.

Учесниците од странство го поддржаа залагањето на НБРМ да биде поттикнувач на размената на искуства и на дискусијата за дигитализацијата меѓу експертите од централните банки, платните системи, банките, секторот „Финтек“ и платежните институции. Притоа, беше одбележано и дека новите сознанија до коишто претставниците на повеќе централни банки дојдоа токму преку оваа конференција ќе бидат стожерни за дел од нивните натамошни залагања во сферата на дигитализацијата. Ова е и конкретна потврда дека НБРМ, преку својата меѓународна активност, аналитичкото следење на светските трендови и предизвици и организацијата на ваков тип настани, успева да биде не само учесник, туку и поттикнувач и поддржувач на процесите на промени не само на национално, туку и на меѓународно ниво.