Усвоен годишниот извештај на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција

На 15 март 2019 година во Министерството за внатрешни работи се одржа состанок на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија. Со состанокот претседаваше државниот секретар на МВР, а воедно и национален координатор на Комисијата м-р Магдалена Несторовска. На состанокот присустуваа и членовите на Секретаријатот на Националната комисија и дел од членовите на локалните комисии за борба против трговија со луѓе и илегална миграција од Штип, Гевгелија и Куманово.

На состанокот од страна на присутните беше усвоен Годишниот извештај на Националната комисија и беше разговарано за идните чекори во однос на остварување на правото на компензација на жртвите од трговија со луѓе, преземање на идни чекори за имплементација на начелото за неказнување, како и за идните чекори за зајакнување на капацитетите на локалните комисии. Исто така, беа презентирани и преземените активности за зајакнување на регионалната и меѓународната соработка.