16/04/2024
Охрид

Утре започнува шестото издание на Фестивалот „Вдиши театар“

Во рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, Црвен крст Охрид, со големо задоволство Ви го најавува овогодинешното шесто по ред издание на Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал со наслов „Вдиши Театар“.

Целта на овој театарски фестивал е поттикнување на младите за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарски надарените волонтери на Црвен крст Охрид, но и поттик за останатите да се приклучат и ги стекнат и негуваат вештините на актерството. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно претставува и почеток на културното лето во Охрид.

Во четиридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 5 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 60 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од, Суботица, Ужице, Крагуевац, Битола и Охрид што воедно ќе отвори можност за сплотување на актерите-аматери од градот и соседните држави, соработка, размена на искуства и стекнување нови пријателства.

Шестиот Младински Театарски Фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира во Охрид, во периодот од 12 до 16 јуни 2019 година.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 12.06.2019 (среда) во предворјето на црквата Св.Софија со почеток во 20:30 ч. со прикажување на претставата „ДОМИНО“ и перформансот „ВДИШИ ТЕАТАР“ под авторство и режија на Јован Цветкоски, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, а во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.