19/03/2024
Спорт

Вардар со реми ги заврши натпреварите од групната фаза од Лигата Европа

Македонскиот претставник во Лигата на Европа Вардар вечерва заслужи да дојде до три бода, но на крајот освои само бод во дуелот со Розенборг. Многу шанси имаше нашиот тим и при 1:0 и при 1:1, но голманот на норвешкиот тим беше на нивото и успеваше да одбрани. Еднаш Вардар ја погоди и стативата преку Новак. Со тоа „црвено-црните“ го завршија натпреварувањето со првиот освоен бод во историјата на групната фаза од Лигата на Европа.

Одлично отворање на натпреварот имаше Вардар кој што од својата прва посериозна шанса стигна до водство над противникот. Долга топка од левата страна од Демири до Николов, кој што со гради само му ја продолжи топката до Итало, Бразилецот беше во полн трк, и од 12-13 метри упати прецизен удар по земја во мрежата на Розенборг.

Веднаш во следната минута, шанса за Розенборг преку Конрадсен кој што излезе од десната страна сам, меѓутоа Гачевски одлично му го одбрани ударот.

Во 21. минута шанса за Барсегјан кој одкосо од лево шутираше за малку над голот. Две минути подоцна нова прилика за Вардар. По акцијата од десната страна, Николов го проигра Итало кој што прецизно шутираше, но топката удри во ногата на голманот Хансен и беше избиена во корнер. Од корнерот нафрли Фелипе, на првиот дирек Новак со глава го погоди голот, но повторно нема среќа Вардар. Топката удри во ногата на Хансен и заврши само во стативата.

Се играше 27. минута кога Итало упати удар кој што го одбрани Хансен. За жал, во судиското надополнување Вардар прими гол, и тоа од пенал. Адегбенро излезе сам пред голот на „црвено-црните“, Гачевски стартуваше над него, и судијата Бојко покажа на белата точка. Сигурен егзекутор на ударот од пенал беше Бендтнер кој што беше прецизен во десниот агол, Гачевски тргна на другата страна и беше далеку да одбрани.

Во вториот дел исто така Вардар имаше шанси да дојде до втор гол. Прв се закани Фелипе од слободен удар, но топката отиде само над голот. Во 75. минута нова, голема шанса на Вардарци, нафрли Фелипе, ударот на Новак со глава го одбрани голманот на гостите. Како одминуваше времето, Вардарци немаа веќе сила за нешто повеќе. Во 89. минута шанса за Демири кој што шутира само над голот, со што пропадна и последната прилика за водство, и за три бода од овој натпревар.

ВАРДАР – РОЗЕНБОРГ 1:1 (1:1)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 8.000.

Судија: Сергеј Бојко (Украина).

Стрелци: 1:0 Итало 9’, 1:1 Бентднер 45’+2

Ж. Картони: Барсегјан (Р).

ВАРДАР: Гачевски, Муслиу, Грнчаров, Новак, Демири, Николов (80’ Марковиќ), Глигоров, Фелипе, Барсегјан, Блажевски (84’ Џигаури), Итало.

РОЗЕНБОРГ: Хансен, Хеденстад, Региниусен, Скјелвик, Герсбах (92’ Ботхајм), Конрадсен (72’ Де Ленли), Расмусен, Трондсен, Адегбенро (92’ Леви), Мелинг, Бентднер.

СТАТИСТИКА

ВАРДАР РОЗЕНБОРГ

51% посед на топка 41%

5 корнери 6

11/5 удари/во 6/3

11 прекршоци 13

1 офсајди 0

1 ж. картони 0

0 ц. картони 0

0/0 пенали 1/1

Извор: fkvardar.mk