29/03/2024
Охрид

Вечерва на Охридско лето концерт на познатиот пијанист Кемал Гекиќ

Во рамките на музичката програма на Охридско лето вечерва во црквата Света Софија со почеток од 21 часот ќе се одржи концерт на светски познатиот пијанист Кемал Гекиќ од САД. На програмата се дела од Бетовен, Шопен, Ален, Лист.

Кемал Гекиќ настапува низ целиот свет изведувајќи широк репертоар на кој секогаш му дава фасцинантен личен печат. Настапува како солист на рецитали или со оркестри меѓу кои: Кралската филхармонија во Лондон, Варшавската филхармонија, Јапонскиот филхармониски оркестар, во сали како „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Сантори Хол“ во Токио и „Кенеди“ центарот во Вашингтон.

Гекиќ има снимено 15 солистички албуми, а за неговиот албум со транскрипции на Росини и Лист ја добива наградата „Розета“ која ја доделува „Пингвин“ водичот за музика, додека пак неговата интерпретација на „Трансцеденталните етиди“ исто така од Лист снимени за Џеј-Ви-Си се смета за една од најрелевантните снимки на овој циклус на сите времиња. Номиниран е за наградата „Греми“ за снимката на Концертот „Герника“ од Фредрик Кауфман, дело кое е нарачано и специјално пишувано за него.

Роден во Сплит, Кемал Гекиќ започнува да учи пијано со проф. Лоренца Батурина, а дипломирал на Музичката Академија во Нови Сад во класата на проф. Јокут Михаиловиќ, каде веднаш по дипломирањето ја започнува својата педагошка кариера и до 1999 е шеф на катедрата за пијано. Во 1999 година е резиденцијален уметник и редовен професор на Универзитетот во Мајами, Флорида, а истовремено одржува и мајсторски курсеви на повеќе академии низ светот. Често е дел од жири комисии на меѓународни натпревари за пијано, а од 2010 година е основач на Летната школа и фестивал кои го носат неговото име во родниот Сплит.