29/03/2024
Дебрца

Велосипедска тура: Славеј Планина-Караорман, Дебрца

Општо познато е дека општина Дебрца располага со доста неоткриени природни убавини, кои што се магнет за љубителите на природата, екологисти, планинари, а во поново време и љубители на планински велосипедизам.

Општина Дебрца располага со идеални терени за организација на планински велосипедизам, а особено пределот на Славеј планина, Алипашица, Караорман, Лисец, со своите природни убавини и недопрена природа е еден од најдобрите во Македонија за организирање на планинска велосипедска тура, која во организација на Здружението за спорт и рекреација “Прв до Врв” Скопје и официјално за прв пат ќе се одржи на ден 15.09.2019 година, 10.00 часот, со старт и цел во село Годивје.

Рутата на велосипедската трка е с.Годивје – с. Лактиње – пат за Славеј планина – Славеј планина- Шумски куќи Радомирово – Дебели рид (Караорман и Алипашица) – Попово нивиште (Алипашица) – Брана на најгорна Хидроцентрала на Песочанска река- Долни локви (Лисец) – с. Годивје.

Должина на турата е околу 45 км, а потребното време за возењето на оваа тура се проценува на 4 до 7 часа во зависност од индивидуалните способности на велосипедистите.

За љубителите на планинарењето се планира и планинарска тура, во должина од 12 км.

Општина Дебрца во целост го поддржува овој спортско-рекреативен настан, кој се надеваме ќе биде традиционален, бидејќи преку истиот се промовираат здравиот начин на живот, природните убавини, историското и културното наследство на Дебрца.

Повеќе информации и пријавување на линкот http://www.prvdovrv.mk/slavej