28/03/2024
МакедонијаСтруга

Вевчанци не ги забораваат своите славни предци: Утре откриваат Спомен-биста на Михајло Пупин, таткото на глобализацијата

За утре, во 11 часот, во центарот на Вевчани, закажано е свечено откривање Спомен биста на истакнатиот светски научник, таткото на глобализацијата, Михајло Пупин – Идворски (1858-1935).

Организатор на настанот е општина Вевчани, а како повод е искористено одржувањето на верскиот празник Преображение, по нивно – Пображење, за кој од земјата и светот, велат, допатувале околу 500 фолклористи на истоимениот фестивал.

„Вевчани и вевчанци не би биле тоа што се, не би имале зачувано културно – историско минато и институции од образованието, науката, фолклорот и другите дејности, доколку не се однесуваат со почит и пиетет на кон своите славни предци. Несомнено, тука, во прв ред, спага Михајло Пупин, роден во Идвор, Војводина, но со корени од Вевчани. Тука има маало Пупиној, тука е отворена Пупинова куќа, постојано ги продлабочуваме врските со неговото родно село , но и со научните институции од Србија. Несомнена потврда на тоа е и фактот што бистата е донација на фондацијата “Младен Селак” од Србија. СоСпомен – бистата, се заокружува таа славна приказна и пиететот што вевчанци го негуваат кон Михајло Пупин, еден од најголемите умови на цивилизацијата, воопшто, научникот кој се смета, и тоа со право, за татко на глобализацијата,“ – напоменува градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски.

Вевчанци, во 2008 година, го реконструираа Спомен дом на Пупинови. Семејната куќа во која живееле претците на научникот е изградена во средината на 19-от век.

Подоцна во Вевчани беше конституирана Академијата на убавите уметности Вевчани, како уметничка институција која ќе иницира, поттикнува и поддржува развој на вевчанската уметност и креативност.

Замиеслено беше да работи, на унапредувањето на традициите и културата историјата и литературата, сликарството, скулптурата, а беа формирани посебни одделенија за информатика, нови технологии и медицина, за архитектура и градителство, како и за театарска и драмска уметност.

Поддршка дадоа тогашните претседатели на Македонската и Српската академија на науките и уметностите, академиците Владо Камбовски и Никола Хајдин кои неколку дена престојуваат во Спомен-домот на Пупинови.

Академиците, заедно со истакнати претставници од македонскиот културен, историски и научен живот, одржаа и тркалезна маса, посветена на великанот во обласна на физиката и електрониката, Михајло Пупин.

Веле Митаноски