25/04/2024
Македонија

Вевчански карневал 2019

Во Вевчани привршуваат последните подготовки за претстојниот карневал, кој ќе се одржува од 12 до 14 јануари и во чии рамки се очекува карневалско дефиле со повеќе од 1 000 маски и 10 000 посетители…

Vevcani_2019

Програмата официјално започнува утре, 12 јануари, со изложба на уметнички фотографии „Маски и асоцијации“ од Анастас Ќушкоски и продолжува вечерта со забавниот дел од музичката програма што ја предводи групата „Архангел“.

Во оваа пригода Вевчани ќе биде домаќин и на регионалната музичка група „Галија“. Музичката програма оваа вечер ќе биде отворена со настапот на рок-групата „Културно уметнички работници“, а за позитивната енергија во завршницата на првиот карневалски ден ќе се погрижи Диџеј Рутбој.

В недела, 13 јануари, попладнето е традиционално резервирано за карневалската поворка на која вевчанските василичари за првпат ќе ги претстават годинашните маски. Вечерта, пак, во пресрет на дочекот на Новата година по стариот календар, посетителите ќе имаат можност да слушнат повеќе етносостави, меѓу кои и „Баклава“.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот со единствена симболика и традиција што се негува повеќе од неверојатни 14 века и кој, според своите специфични особини, се одвојува од другите во светот поради својата архаичност, исконска традиција, таинственост и уникатни маски.