Вевчанскиот карневал збогатен со атрактивна музичка програма

Од 12-ти до 14-ти јануари во Вевчани нè очекува една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во нашата земја – ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ! Со оваа манифестација, Вевчани во својот автентичен и мистичен дух, повторно прераснува во голема отворена сцена подготвена од вевчанските василичари на карневалот познат ширум светот по неговата архаичност и како најголемиот европски фестивал на сатирата!

„Карневалот е уникатен по тоа што успева народните традиции да ги спои со една отворена критичка култура којашто Вевчанци ја негуваат“ – изјави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски на прес-конференцијата која денеска се одржа по повод Вевчанскиот Карневал, а на која беше презентирана и музичката програма која ќе го збогати настанот и василичарската прослава во Вевчани.

Прославата на најстариот театар на отворено ќе започне во петок, на 12-ти јануари со забавниот дел од музичката програма во чии рамки ќе настапат групите ФОЛТИН и PLUTO’S DOUBTS, а кулминацијата на вечерта е загарантирана со диџеј сетот на светски докажаниот, македонски продуцент и композитор КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ.

Во сабота, на 13-ти јануари, вечерта во пресрет на дочекот на Новата година по стариот календар, посетителите ќе имаат прилика да уживаат и во настапите на ЏАМБО АГУШЕВ ОРКЕСТАР, БЛАГА ПЕТРЕСКА и ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ. Саботното попладне пак е резервирано за традиционалното дефиле на учесниците во карневалот кои ќе ги презентираат своите василичарски маски.

„Вевчанскиот карневал сам по себе е уникатен и единствен. Учесниците во карневалот ја имаат сета слобода низ креативноста и импровизацијата да ги изразат чувствата за критика и иронизирање на општествените процеси во изминатата година. Со акумулираната енергија која кулминира во деновите на дочекот на новата година по стариот календар, Вевчани станува театар на отворено и неформален центар на сатирата“ – изјави Сашо Јанкоски, градоначалникот на Општина Вевчани.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува повеќе од 1.400 години и кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.

„Вевчани не е ниту село, ниту град, ниту република, туку Вевчани е пред сѐ приказна којашто ја прави токму Вевчанскиот Карневал. Тој е еден тотален театар во кој Вевчанците, но и тие кои се непосредно присутни таму можат да ја почувствуваат тоталната слобода“ – истакнува Симун Лешоски, професор и уметник кој е меѓу другото и автор на вевчанските личници.

Со карневалската поворка и дополнителната музичка програма, со специфичната порака на Вевчанци и во единствениот спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава, ја испраќаме изминатата година и ја пречекуваат новата, подобра година со желба таа да биде покретивна, поубава и побериќетна. Маските и пасошите се подготвени и Вевчани ве очекува на најуникатното карневалско доживување!