29/03/2024
Охрид

Викендов богата програма „На зајдисонце“ во Трпејца

Вчеравечер, осмото „На зајдисонце“ во Трпејца помина во знакот на хуморот и сатирата.

Пред публиката со политичка сатира, сонгови инспирирани од животот и секојдневието настапија Јован Цветкоски и Младен Јулоски од Охрид.

Присутните ги наградија со аплаузи, посебно по изведбата на специјално напишаната песна за Трпејца која на шеговит начин ги опишува убавините на селото и животот во него. Двајцата стенд–ап артисти кажаа дека инспирацијата за своите настапи ја собираат од лични искуства, но и од искуства на другарите, пријателите и од кругот на семејството. Нивниот креативен дух и успешен настап долго ќе се прераскажува во Трпејца и меѓу присутните.

Денеска, петок и викендов на зајдисонцето има богата програма.

Вечерва од 20.00 часот крај брегот на езерото во Трпејца ќе се одржи вечерната променада„Со кајче по езерото“. Овој атрактивен настан ќе донесе неколку млади и надежни музичари – ученици во ОМУ „Методи Патче“ кои со инструментите ќе свират во кајчињата кои ќе пловат крај брегот. Ова ќе биде неповторливо уживање за гостите во кафеаните и вилите.

На сцената кај бунарот, ќе следи завршната вечер на Работилницата за театар под раководство на актерката Марија Новак. Таа со своите млади избраници од селото, Охрид и туристи кои во мигов летуваат тука сценски го обработи текстот: „Да ми кажуваше некој немаше да верувам“ работен според македонска народна приказна.

Веднаш по театарската претстава ќе следи мини шоуто со Петар Нечоски. Тој ќе отпее грст негови хитови во кои доминираат Охрид и езерото, а се дело на неговите соработници Енвер Рашити и Јовица Караливески.

Утре, сабота од 11 часот ќе следи традиционалниот натпревар „Фаќаме риба на јадица“. Попладнето од 17 часот ќе започне Работилницата за модерен танц под раководство на Даниел Наумовски.

Вечерниот термин од 20 и 30 е резервиран за концертот на дуото ДИС кои присутните ќе ги забавуваат со изведбата на познати македонски и светски евергрини.