Владата целосно ги почитува правата и потребите на медиумите, соработката ќе се подобрува континуирано низ заеднички дијалог

Владата на Република Македонија со посебно внимание ги прифати и ги анализираше реакциите на претставниците на медиумите што беа предизвикани од настаните за време на подготовките за известување од лидерската средба што се одржа вчера во Клубот на пратениците.

Водена од врвниот принцип да го почитува и да го овозможува правото на медиумите за непречено, одговорно и професионално известување од настаните од посебен интерес за јавноста и граѓаните, претставниците на Владата на РМ на вчерашниот настан обезбедија услови за работа на новинарите и новинарските екипи, соодветно на стандардите за вакви настани и насоките кои ги има добиено од безбедносните институции.

Поведени од начелото дека треба да бидат обезбедени еднакви услови за сите претставници на медиумите без исклучок, како и заради безбедносни проценки направени од професионалните безбедносни служби, жалиме што не постоеше можност да се направат исклучоци од однапред утврдените и обезбедени услови за работа на сите медиумски екипи.

Исто така, Владата изразува жалење за непријатната ситуација до која е дојдено при спроведување на безбедносните насоки и се заложува решенијата да се бараат низ дијалог и соработка.

Владата на Република Македонија и натаму останува посветена да применува единствен и еднаков пристап кон сите медиуми кога станува збор за јавни настани од интерес на граѓаните.

Истовремено, ја препознаваме потребата од постојана комуникација со медиумите и ги охрабруваме нивните претставници редовно да учествуваат на поканите на средби на кои ќе се разговара за сите прашања поврзани со условите за најсоодветно известување за работата на Владата и за настаните кои се од интерес на јавноста и граѓаните.