29/03/2024
Охрид

Владата го презеде управувањето со Колекторскиот систем

Владата на Република Македонија, на  денешната  107-ма редовна седница донесе одлука за формирање на Јавно претпријатие „Колекторски систем“ за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води.Новото јавно претпријатие, ги презема сите обврски и  во иднина ќе управува и стопанисува со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.

Со одлуката на Владата, всушност се прави поделба на досегашното Меѓуопштинско јавно претпријатие „Проаква“ , кое беше голем финансиски проблем за општините Охрид и Струга, бидејќи претпријатието беше нефункционално и работеше со загуби. На одлуката на Владата на Република Македонија  и претходеа постапки за делбен биланс и одлуки на Советите на општините Охрид и Струга. По формирањето на јавното претпријатие за управување со колекторскиот систем, општините Охрид и Струга  ќе формираат нови  јавни претпријатија за стопанисување со водоводните системи.

Одлуката на Владата на Република Македонија со олеснување е примена кај локалните власти, но и кај граѓаните и  стручната јавност, бидејќи со формирањето на новото јавно претпријатие  се решава еден витален и повеќедецениски проблем со заштитата на Охридското Езеро, кое како светско природно наследство е на листата на УНЕСКО.