Владина делегација на средба со професори и доктори од Универзитетската клиника во Франкфурт

Делегација на Владата на Република Македонија составена од министрите за здравство, за финансии и за економија, д-р Венко Филипче, Драган Тевдовски и Крешник Бектеши, а предводена од Заменик претседателот на Владата, д-р Кочо Анѓушев, денеска оствари средба со тим од доктори и професори од Универзитетската клиника Јохан Волфганг Гете, во Франкфурт, Германија. 

На средбата, министрите и професорите од клиниката разговараа за можностите за продлабочување на соработката која и сега се остварува, особено во областа на кардиохирургијата и кардиологијата. 

Потенцирајќи дека голем дел од пациентите од Република Македонија за посложени интервенции сѐ уште се препраќаат на лекување во странство, министерот за здравство д-р Венко Филипче, истакна дека на тој начин и пациентите непотребно се измачуваат, а од друга страна докторите не учат нови и модерни кардиохируршки техники. 

„Со официјализирање на соработката со Универзитетската клиника Јохан Волфганг Гете, за пациентите ќе овозможиме неопходните кардиохируршки интервенции да ги добиваат на клиниката за кардиохирургија во Скопје. Процедурите ќе ги изведуваат нашите доктори заедно со кардиохирурзите од Универзитетската клиника во Франкфурт. На тој начин, специјалистите – кардиохирурзи ќе се дообучуваат и во Македонија ќе добиеме врвни експерти од оваа област“, истакна министерот за здравство, Филипче. 

Исто така, на денешната средба, се разгледуваше и можноста доктори од здравствените установи во Македонија повремено да доаѓаат на краткорочни и долгорочни доедукации на клиниката во Франкфурт, Германија. 

Професорот Томас Валтер, кој 25 години работи како кардиохирург и е директор на одделот за кардиохирургија во болницата во Франкфурт, истакна дека особено е значајна соработката меѓу докторите од различни земји. Тоа, како што рече, е одлична можност да се разменат искуства и идеи во одредена област. Придобивката, истакна тој, секако е најголема за пациентите. 

„Мора да работиме заедно, а не самостојно. Секоја интервенција бара тим од лекари. А тимот може да биде составен од лекари од нашата клиника и вашата клиника за кардиохирургија во Скопје“, додаде професорот Валтер.

На средбата, докторите на министрите во Владата на Република Македонија им презентираа и дел од современите интервенции кои се изведуваат на Универзитетската клиника во Франкфурт. 

Инаку, првата кардиохируршка интервенција воопшто е направена токму на Универзитетската клиника Јохан Волфганг Гете, во Франкфурт. Ја извел д-р Лудвиг Рен во 1896-тата година.

Клиниката при Универзитетот Јохан Волфганг Гете во Франкфурт, Германија се состои од 32 специјализирани клиники од неколку области: анестезиологија и интензивна нега, кардиохирургија и кардиологија, офталмологија, итн. Научно истражувачката дејност ја спроведуваат 20 институти. Универзитетската клиника во Франкфурт брои околу 4 илјади вработени.