28/03/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ бара да се преиспита предлог-одлуката за нови цени и проширување на паркинг зоните во Охрид

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Сашо Донев упати апел до Градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски и до советниците во Советот на општина Охрид уште еднаш да ја преиспитаат предлог-одлуката за нови цени и проширување на паркинг зоните во Охрид.

Ја пренесуваме целосната изјава на Донев:

„Почитуван градоначалник Стојаноски,

Сè уште имате време да ја преиспитате вашата предлог-одлука за нови цени и проширување на паркинг зоните во Охрид и истата да ја повлечете.

ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува само идејата за имплементација на систем за електронска наплата на паркирањето, но е одлучно против проширувањето на паркинг зоните во Охрид.

Со одлуката се воведува платен паркинг на улици на кои не треба да биде дозволено паркирање воопшто. Се воведува платен паркинг на улиците „Самоилова“, „Коста Абраш“, „Илинденска“, улици кои треба да бидат туристички пешачки зони а не паркиралишта. Со вашата одлука ќе трпат станоиздавачите, угостителите и жителите на Стар град и Охрид. Со воведувањето на платен паркинг на улицата „Јане Сандански“ по цела должина, улица која е крвоток на градот и на која се наоѓаат голем број мали бизниси, истите ќе бидат директно погодени од неможност за достава на роба и тековно непречено работење.

Го повикуваме Градоначалникот да се зафати со реализација на проекти кои суштински ќе го решат проблемот со паркирањето во градот, како изградба на катни гаражи и јавни паркинзи.

Со ова што го предлагате и сте спремни да го протуркате во Советот, само ќе ја влошите безбедноста на сообраќајот кој и онака е хаотичен во летните месеци и ќе ги зголемите трошоците за живот на охриѓани и трошоците на престојот на гостите кои го посетуваат Охрид.

Почитувани советници,

Како непосредни претставници на граѓаните Вие сте на потег. Градоначалникот е само обичен извршител на вашата волја која ја црпите директно од волјата на граѓаните. Вие одлучувате, не Градоначалникот. Вашиот глас против – ќе биде глас на разумот, глас за граѓаните и глaс за поубав Охрид. Гласајте со разум и совест. Гласајте за граѓаните на Охрид. Гласајте гордо и одлучно ПРОТИВ!“ – истакна Донев.