29/03/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ го повикува министерот Алаѓозовски да ги стопира градежните работи на Али-пашината џамија

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„ВМРО-ДПМНЕ го повикува министерот за култура Роберт Алаѓозовски сè додека не се добие мислење од УНЕСКО да ги стопира градежните работи поврзани со Али-пашината џамија.

Следејќи ја внимателно ситуацијата околу состојбите поврзани со Али-пашината џамија и изнесените ставови на граѓанското здружение „Совест“, ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид максимално ја дава поддршката за разјаснување и бара веднаш да се издејствува стручно мислење од УНЕСКО.

Актуелниот министер за култура Роберт Алаѓозовски и покрај јавно дадениот збор, дека Министерството ќе ги прекине градежните работи, ништо не презеде тоа реално да се оствари, па дрзнувајќи се, го менува мислењето и кажува дека не може тоа да го направи и не било во негова надлежност.

Надлежните иснтитуции, Управата за заштита на културното наследство како и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да излезат на терен и веднаш да се вклучат во врска со активностите и изведувањето на градежните работи.

Во јасно дефинираните политики на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид никогаш немало ниту ќе има нешто против заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги тука и верските објекти од секоја вероисповед и нивно обновување, реставрација и конзервација. Укажуваме дека тоа мора да се спроведе според Законот за заштита на културно наследство и според сите конзерваторски принципи за конзервација на еден објект.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.