ВМРО-ДПМНЕ: Масовното труење на бездомни кучиња на градскиот плоштад ја згрози јавноста

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција пред Општина Охрид, на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.

„Масовното труење на бездомни кучиња на градскиот плоштад ја згрози јавноста.

Со СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески наместо Охрид да биде пријателско место и за домашните миленичиња и за бездомните животни, стана место на монструозно дивеење и садистичко изживување над животните.

Ова ли е хуманиот третман за животните?

До кога Георгиески ќе го чува директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Љупчо Грданоски и заедно ќе го игнорираат овој проблем?

Господине Георгиески уште што треба да се случи за да се разбудите и да преземете конкретни чекори?

Георгиески и Грданоски треба да одговараат за загрозување на безбедноста на сѐ што е живо не само на градскиот плоштад туку и во градот.

Георгиески да го разреши директорот Грданоски затоа што оставањето отров, којшто тешко се наоѓа со посебна процедура, на јавни површини е кривично дело и предизвикува опасност по живот.

Зошто и покрај тендерот за заловување, стерилизација и кастрирање на бездомни животни, обезбедени средства, вработени луѓе, набавени возила и комплетна опрема за заловување не функционира стационарот во „Мaуцкер”?

Со локалната власт на СДСМ ниту профункционира стациoнарот, ниту закони, ниту полиција која постапува и штити.

ВМРО-ДПМНЕ бара брза реакција и разрешница од СВР Охрид, Јавното Обвинителство и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Господине Георгиески Ве потсетуваме уште еднаш на тоа што го порача виолинистката Ванеса Меј на отворањето на манифестацијата „Охридско лето“:

„Властите да не даваат бесплатен отров за труење на бездомните кучиња!“

СДСМ и Георгиески не се на правиот пат затоа што не преземаат конкретни мерки за решавање на проблемот со бездомните кучиња.“ – истакна Божиновски.