20/04/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Нема ништо од подобрувањето на квалитетот на живот за охриѓани и развој на Охрид

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, денес испрати реакција до медиумите во врска со прес-конференција на градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски. Во реакцијата се вели:

„Почитувани,

Градоначалникот Јован Стојаноски принуден да даде отчет за неговите 100 дена мандат иако очигледно немајќи намера да го направи тоа, се одважи, излезе и ја излажа јавноста.

Неговата прес-конференција и наводниот Отчет, претставува уште еден очајнички обид за дефокусирање на јавноста и продолжение на замајување на охриѓани, со тавтолошко набројување на веќе ветените нереализирани проекти.

Нема ништо од подобрувањето на квалитетот на живот за охриѓани и развој на Охрид, а забележително е тоа што безидејно отседале 100 дена. 100 дена синоним за нетранспарентно, неотчетно и неотворено работење. Главна активност им била препишување на програмите и протоколите за работа од претходната Локална самоуправа. Со препишување не се носи „живот“ за охриѓани!

Неговиот отчет всушност е програма за работа за 2018 година каде што тој ги искажа сопствените желби за работа. Најчесто употребуван е зборот „ќе“ во целиот памфлет како и „во тек се активности“ – набројани но незапочнати. Кога презентираш отчет треба да кажеш што си сработил ти, а не што планираш да работиш.

Јован Стојански лаже и брутално манипулира кога вели дека од претходната Локална самоуправа не наследил ниеден проект и дека првите 100 дена ги потрошил на објавување на тендери за изработка на проекти. Ако отворите на веб-страницата на општина Охрид во делот за јавни набавки во архива на набавки ќе видите дека во 2017 година била спрведена само една постапка за обезбедување на проектна документација и тоа постапката завршила во септември додека градоначалник бил Никола Бакрачески. Ова може да се види на следнит линк: http://www.ohrid.gov.mk/index.asp?novostiID=881 и во делот активни тендери нема ниту еден кој се однесува на изработка на проектна документација.

Како најзначајни проекти се претставени културните манифестации што и пред тоа се одржуваа само под други имиња. По с`е изгледа немаше да пристигне Новата година доколку Стојаноски не го реализираше тој проект! Новото крило на Општината е благодарение на претходната Локална власт.

Комплетната проектна документација за реконструкција на кровот на градинката „Развигорче“ заедно со одобрението за реконструкција и комплетната реконструкција како и промена на системот на греење во градинката „Росица“ се комплетно сработени за време на мандатот на Никола Бакралески и ВМРО-ДПМНЕ. Го повикуваме Стојаноски јавно да го објави проектот. За уредување на плоштадот „Табана“ минатата Локална самоуправа изработи комплетен основен проект со ревизија. Недостигаше само одобрение за градба. Стојаноски за 100 дена не успеа да обезбеди одбрение за градба и да ги отпочне градежните активнсти.

За проектот „Пешачка патека Саат кула до Света Сава“ на Стојаноски му е оставена комплетна документација основен проект и соодветно одобрение за градба. Зошто не успеа да ги отпочне градежните активности? Реконструкцијата на патот Косел-Вапила е проект за кој Стојаноски наследи завршена тендерска постапка од минатата Локална самоуправа откако претходно општина Охрид доби грант од Светска банка. И ова е лесно проверливо. Проектот за био-гориво е аплициран и добиен од страна на минатото раководство на ЈП „Охридски Комуналец“ а сега останува да видиме дали тимот на Стојаноски ќе успее да мрдне еден чекор од овој проект.

Што се однесува до Охридската касарна деталниот урбанистички план е днесен многу одамна, а Стојаноски ништо не направи барем да го преземе владението со истата иако тоа е завршена работа и формален чин.

Господине градоначалник,

Излезете со вистински отчет. Општината е застаната во времето кога со неа раководеше Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ. Заврши времето на лажни ветувања. Граѓаните познаваат и признаваат само дела. Не треба да се фалите со туѓи и незапочнати проекти. Тоа не се активности на градоначалник на познат туристички центар во 21 век. Кажете кога ќе почне реализацијата на барем еден од ветените големи инфраструктурни објекти? За жал сите ние заедно ќе треба да го почекаме денот кога ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе се врати на власт за проектите да продолжат.“- стои во реакцијата од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.