ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид со честитка по повод 11-ти Октомври

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид испрати честитка до граѓаните по повод 11-ти Октомври – Денот на народното востание.

„ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид на сите граѓани им го честита државниот празник, 11 Октомври – Денот на народното востание.

11 Октомври е симбол на македонскиот непокор.

Една идеја секогаш не водела низ бурите на историјата, на макотрпните борби на македонскиот народ во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание, а тоа е идејата за слобода на Македонија.

Нишката што не поврзува е поклонот и честа кон оние кои го положија својот живот на олтарот на татковината.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ и решеноста на народот за конечна слобода и создавање на сопствена држава.

Борбата за слобода, државност и независност, денес е борба за чување на истите кои се нераскинливо испреплетени и поврзани со непокорот и со нескршливиот дух на македонскиот народ.

Нека патот на нашите претци кои сложно и обединето постигнаа големи подвизи биде наш поттик кон иднината во овие тешки моменти што надвиснале над Република Македонија.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври!

Да живее Република Македонија!“ – стои во честитката.