ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид со сочувство за смртта на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид изразува огромно жалење и сочувство за смртта на градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

„Со огромно жалење и неверување ја примивме трагичната вест за смртта на градоначалникот на Охрид, г. Јован Стојаноски.

Смртта со нејзината немилосрдна конечност е вест која секогаш нѐ остава неми и понизни пред силите кои го движат светот, а се над нашата моќ дури и да ги разбереме, а камо ли да влијаеме на нив. Најтрагична од сите пак е веста за конечно завршување на животот на млад човек кој сѐ уште има долг пат да оди и уште многу да му даде на светот.

Господинот Стојаноски заминува прерано од животот на своите најблиски, но заминува прерано и од животот на нашиот град кој пред само една година го назначи за свој прв човек, за татко на градот.

Нашиот политички натпревар со г. Стојаноски траеше повеќе години претходно пред да стане градоначалник. Тој беше член на Советот на општина Охрид во тек на еден мандат. За тој период во кој имаше бројни дебати за важни прашања во кои имавме различни ставови, ние сепак успеавме да изградиме завидно меѓусебно почитување и разбирање. Тоа се рефлектираше и на предизборната кампања која го задржа потребното ниво на политичка култура пред сѐ заради мирниот и неконфликтен карактер на кандидатите. Почитувањето се задржа и во целата една година додека ја извршуваше функцијата градоначалник како конструктивен политичар.

Остануваат прекратени бројните планови кои треба да го движат овој град кон подобро утре. Остануваат со сигурност прекратени и бројни лични цели неповрзани со политиката. Нам ни останува огромното жалење за прерано завршениот живот на нашиот, пријател, сограѓанин и градоначалник.

Изразуваме искрено сочувство на семејството, пријателите, колегите од Факултетот за туризам и угостителство како и на сите граѓани на Охрид.

Нека почива во мир и нека му е вечна слава!“