25/04/2024
Струга

ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга: Филипче да не дозволи уништување на здравството, на сметка на личните интереси

ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга денес одржа прес-конференција на која говореше Валентина Переска, советник во Советот на општина Струга и претседател на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, Струга.

„Власта предводена од СДСМ продолжува со еуфоријата за уништување на се што функционира и е корисно за граѓаните, и тоа е случај на сите полиња.

Од ден на ден, здравството се повеќе е жртва на ова несовесно однесување.

Жителите на Лабуништа и околните населени места, во 2015 година добија услуга на Итна медицинска помош, која спаси многу животи и им даде неопходна медицинска помош.

Се вработи медицински персонал, доктори, медицински сестри и возачи, кои 24 часа даваа прва медицинска помош.

Се скратија трошоците на пациентите, кои во доцните ноќни часови одеа до Вевчани или Струга, а матичните доктори немаа потреба да дежураат после нивното работно време.

Тоа беше време на грижа за здравјето на наслението кое живее во овие населени места.

Оваа власт, во нивниот план за живот ветуваше квалитетно јавно здравство достапно за сите, ветуваше здравството, по европски терк.

Ветуваа дека Македонија ќе биде земја без дискриминација. Ветуваа дека ќе се воспостави мрежа на здравствени установи со целосна покриеност со амбуланти, посебно во приградските и руралните средини.

ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА беше предвидена РЕФОРМА НА ИТНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ која требаше да обезбеди континуирана едукација на кадарот во Итна медицинска помош.

Но за жал, деновиве сме сведоци на скратување на правото на користење на јавното здравство за граѓаните на Лабуништа и останатите населени места.

Директорот Јован Стојковски треба да се произнесе дали по насока на министерот за здравство, Венко Филипче си поигрува со здравјето на граѓаните на Лабуништа и на жителите од околните населени места?

Надлежните институции ги повикуваме да одговорат на следните прашања:

Колку време Итната медицинска помош во Лабуништа работи само со медицински сестри, односно колку време во Лабуништа нема доктори во оваа служба?

Дали деновиве се укинува и втората смена и за медицинските сестри, па со тоа попладне нема да има ниту медицински сестри во Итната медицинска помош?

Дали обезбедивте континуирана едукација на кадарот во итна медицинска помош во Струга или во Лабуништа?

Колку време помина од вашето ветување дека во Струга ќе се гради нова болница?

Дали чекањето е со цел најпрво да се направат добри бизнис зделки?

Денес после повеќе од три години од владеењето на СДСМ прашуваме, што направивте за да имаат граѓаните подобри здравствени услуги?

И поради сите овие наведени причини, го повикуваме министерот и доктор Венко Филипче, да не дозволи уништување на здравството, на сметка на личните интереси и да обезбеди квалитетно здравство за секој граѓанин на Република Македонија, без да укинува постоечки установи од кои населението имало придобивка во изминатиов период.“ – истакна Переска.