25/04/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Откако СДСМ е на власт здравството од ден на ден тоне

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Откако СДСМ е на власт здравството од ден на ден тоне.

Во ЈЗУ „Општа Болница“ – Охрид веќе месеци не работи лифтот во стариот дел каде што се Одделот за интерна медицина и Одделот за педијатрија.

Дали за директорката Славица Малеска-Стојадиновиќ и менаџерскиот тим пациентите треба да се носат на раце по скали до одделенијата?

Зарем во 21 век пациентите на оваа здравствена установа тоа го заслужуваат?

Дали за СДСМ ова значи достоинствено место за лекување и медицинска здравствена заштита на највисоко ниво?

Апелираме веднаш лифтот да биде ставен во функција и здравјето на пациентите во прв план.

За евентуалните последици по здравјето на граѓаните раководството на Болницата треба да знае дека ќе има одговорност.

Ова е класичен доказ за несовесното раководење на Болницата од страна на власта на СДСМ на којашто воопшто не и е приоритет здравјето на граѓаните.

Останаа само празни зборови ветувањата на СДСМ за квалитетно јaвно здравство по теркот на европското.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.