29/03/2024
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ донесе неуставен закон за двојазичност со кој се деградира употребата на македонскиот јазик

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ донесе неуставен закон за двојазичност со кој се деградира употребата на македонскиот јазик

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Дарко Костовски

Почитувани,

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ вчера донесе неуставен закон за двојазичност со кој се деградира употребата на македонскиот јазик и истиот се сведува на ниво на еден од јазиците кои се говорат во Република Македонија.

Овој закон е во спротивност со Амандман 5 од Уставот на Република Македонија. Со овој јазик се врши фаворизирање на само една етничка заедница – албанската, додека од друга страна сите други се маргинализираат.

Можноста судските, управните, извршните, предистражните, истражните, кривичните, прекршочните, парничните, вонпарничните, за извршување на санкции и другите постапки да се водат на еден од двата јазици ја релативизира официјалноста на македонскиот јазик. Дополнително невозможно е закон кој се носи со апсолутно мнозинство да се усогласува одредби во закони кои се носат со двотретинско мнозинство.

Двојазичност на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите ја надминува уставната рамка. Според Уставот двојазичноста може да важи за локални институции, а не во државните институции, како што тоа се прави со овој закон.

Законот за двојазичност го надминува и Рамковниот договор во точка 6 од истиот, во делот на образование и употреба на јазиците.

Имено во едно мултиетничко општество загрозувачки за сите останати заедници е да се донесе закон со кој се промовира една етничка и јазична заедница. Со израмнување на албанскиот јазик со македонскиот јазик се промовира јазичен билингвализам, што може да предизвика последици врз Уставот.

Решението во законот од чл. 18 и чл.19 со кое се предвидува основање на Агенција и Инспекторат за промоција, заштита и воедначена примена не е во согласност Уставот и неговиот чл.9, кој вели дека граѓаните на Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите, без разлика на полот, расата, бојата на кожата, верско уверување и социјалното потекло.

Доколку СДСМ сакаше да прошири одредени јазични права тоа можеше да го направи со измена и дополнување на веќе постоечкиот Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

Целата постапка беше изведена шверцерски, надвор од законските процедури со ставање на европско знаменце. Најсрамно беше злоупотребена постапката за донесување на закони од значење за интеграција на државата во ЕУ. Законот се повикува на правото на ЕУ, а притоа не наведува на кој акт на Унијата, со датум и број, се повикува.

Ваквиот закон доведува до опасност да се наруши хармонијата и кохезијата на македонското мултикултурно општество, поради деградирањето на единствениот интегративен елемент – македонскиот јазик.

Овој закон не го унапредува животот на граѓаните. Власта наместо трошење на време и пари за закони кои не носат единство и просперитет, треба да се насочи кон мерки и проекти кои го унапредуваат животот на граѓаните.