29/03/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и градоначалникот Стојаноски се однесуваат безобразно, неодговорно и лицемерно, оставајќи ги охриѓани без вода подолго од 24 часа

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Недозволиво е во 21 век да немаме непрекинато и квалитетно снабдување со вода за пиење. Нехумано е на граѓаните и туристите во Охрид да биде им биде ускратено правото на вода како основна животна потреба подолго од 24 часа.

Вчера охриѓани го доживеаја најголемиот апсурд и срам, да живеат покрај вода, а да немаат вода за пиење. Ваквото однесување на Локалната самоуправа предводена од СДСМ и градоначалникот Јован Стојаноски не само што е безобразно и неодговорно, истовремено е и лицемерно.

Со кое лице ја изгласаа скандалозната одлука за поскапување на цената на водата, а сега граѓаните ги оставаат без вода подолго од 24 часа?

Заради лошото менаџирање на ЈП „Проаква“ градот беше предолго парализиран, а охриѓани и туристите вратени во 19 век.

ВМРО-ДПМНЕ жали што граѓаните и туристите на Охрид ги чувствуваат последиците од неодговорниот однос на ЈП „Проаква“ – Водовод Охрид кон нив.

Каде е да се огласи директорот?

Зошто Градоначалникот молчи кога градот му е во целосен колапс?

Ова ли е животот што го ветуваа за охриѓани?

Се покажа дека партиските вработувања се приоритет во ЈП „Проаква“ – Водовод Охрид со што енормно се зголемуваат трошоците за плати, наместо да се инвестира во механизација и технички кадар, што е спротивно од предизборните заложби на СДСМ кои ветуваа препород на јавните претпријатија, а сме сведоци дека се случува спротивното.

Охриѓани заслужуваат подобро. Никој не смее да си поигрува со здравјето и животот на граѓаните. Одговорните лица треба да преземат одговорност и да поднесат оставки или да бидат итно разрешени.“ – се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.