ВМРО-ДПМНЕ: Вработените во НУ „Охридско лето“ сѐ уште не зеле плата за јануари

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес пред дирекцијата на НУ „Охридско лето“ одржа прес-конференција на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.

„СДСМ секојдневно лицемерно зборува за плати и финансиски средства, а без ни малку совест ги остава граѓаните без основната егзистенција за живот. Откако ја девалвираа културата сега газат и го злоупотребуваат трудот на вработените во културата.

Иако сме месец март вработените во Националната установа „Охридско лето“ сѐ уште не зеле плата за месец јануари.

Директорката Наташа Поповиќ да објасни зошто вработените во НУ „Охридско лето“ се доведени во таква ситуација?

Дали неисплатената плата е поради новите предизборни вработувања токму во јануари оваа година?

Зошто Директорката незаконски објавува оглас и покрај негативното мислење дадено за установата за годишниот план за вработувања за 2019 година?

Дали Директорката има обезбедено согласност од Министерството за финансии за 2020 година?

Дали директорката свесно го прекршила законот и е сторено кривично дело со што го оштетила буџетот, а за кое ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе соодветните мерки до надлежните органи.

Раководството на установата очигледно не размислило дека новите вработувања ќе значат дополнителни оптеретувања на буџетот, па затоа сега има проблеми во исплаќањето на платите.

Новите вработувања не се никаква нужност и потреба, туку единствено алатка за поткуп на гласачи за предвремените парламентарни избори.

Крајната распуштеност на функционерите на СДСМ удира директно по буџетот и граѓаните.

Злоупотребата на државни ресурси мора да запре, а на 12 април доаѓа казната од граѓанитеи одговорност за злоупотребите.“ – истакна Божиновски.