ВМРО-ДПМНЕ: Зошто се поставуваат рампи на истите оние места од кои беа отстранети пред 5 години?

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Денес Охрид се разбуди со поставени рампи за влез во центарот на градот. Граѓаните збунети и неинформирани останаа затекнати од рестрикциите на сообраќајот кои не беа претходно најавени и детално објаснети.

Која е причината поради која се поставуваат рампи на истите оние места од кои беа отстранети пред 5 години?

Вака ли се води град?

Вака ли се развива туризам со тотална неорганизираност, аматерско работење и неинформирање?

Локалната самоуправа не само што не решава проблеми, туку прави хаос со сопствените наводни проекти.

Незнаењето, неспособноста и пропустите во работењето на Локалната самоуправа станаа наше секојдневие, а добрите политики и развојот неостварена желба…

ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на воведеното ограничување на движењето на граѓаните со поставување на рампи кои го попречуваат одвивањето на сообраќајот за граѓаните и туристите.

Бараме СВР Охрид веднаш да постапи согласно нивната надлежност и до Локалната самоуправа претставувана од градоначалникот Стојановски и до Секторот за комунални дејности и Одделението за сообраќај и улици, да испрати ургенција со барање за отстранување на препреките на сообраќајниците, односно металните рампи и бетонските конструкции поставени во центарот и стариот дел на градот.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.