18/04/2024
Дебрца

Во четврток голем народен собир во историското Црвена Вода

Во четврток, 3 октомври, пред Спомен домот, местото и објектот каде, во 1943 година, Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, го објавија Манифестот до македонскиот народ за целите на анти-фашистичката војна, ќе се одржи голем народен собир, на кој ќе говори претседателот на Северна Република Македонија и врховен командант, Стево Пендаровски.

Овој ден, исто така, е поврзан со престојот на првата воена мисија на анти-фашистичката коалиција во Втората светска војна, што ќе биде одбележано со присуство на претставници на дипломатските мисии во Скопје.

Англиската воена мисија при Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, со мајорот Џон Квеин, била сместена во училишната зграда, сега – Спомен дом.

Општина Дебрца, 3. Октомври, го одбележува и како свој патронен празник.

Покрај претседателот Пендаровски, најавено е, да се обратат градоначалникот на општината, Зоран Ногачески, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно–ослободителната антифашистичка војна на Македонија, Никола Стојаноски, претседателот на Општинската организација на Сoјузот на борци за општините Охрид и Дебрца и потпретседател на Главниот одбор, Гоце Героргиевски.

Пред Спомен обележјето, цвеќе ќе положат уште и делегации на Генералштабот на АРМ, на гарнизонот во Кичево, на општините Охрид и Дебрца, на боречките организации од Охрид, Дебрца, Струга и Кичево, на месната заедница во селото и други.

Гостите ќе можат да ја разгледаат реконструираната зграда на Спомен домот, за што средства, во висина од 10 илјади евра, обезбеди општина Дебрца, заедно со Спомен собата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, односно Спомен собата на Ванчо Николески, доаенот на македонското детско-младинско литературно творештво.

Наоѓајќи се суштински, веќе во НАТО, а чекајќи го формализирањето, на годинешната прослава, акцентот ќе биде ставен на воената соработка со сојузниците, најавува претседателот на Одборот за прослава, Веле Митаноски.

„Сега е извонредно погоден моментот да се потсетиме, односно, од нашето село, да се испратат пораки за историските корени на соработката со Сојузниците, сега водечки членки на НАТО. Исто така, пред добивањето на датум за преговори со ЕУ, добар е моментот да се нагласи историското заедништво на Македонците,Турците, Албанците, Власите и други заедници, започнато со Крушево 1903, а продолжено за време на Втората светска војна, токму на теренот на Црвена Вода и историска Дебрца, а што е нотирано во Манифестот,“ – напоменува Митаноски.

Партизаните добивале и значајна помош од Британците, чии авиони на Славеј планина, со подобрани, спуштале храна, облека, муниција и лесно вооружување, пари и злато, со што биле опремувани, батаљоните, тогаш, вкупно 12, подоцна распоредувани по бригади.

„…Манифестот е многу значајна работа. Секако, дека и иднината ќе го истакнува тоа. Затоа што е межникот на државотворниот чин на Македонија”… Крушевскиот манифест и овој од Црвена Вода, се мерат и по својата висина. Првиот на 1.300 метри. Овој, после 40 години, е нешто повисоко. Но и Никола Карев беше социјалист. За жал комитите, кутрите, не успеаја да создадат македонска држава, ама ние партизаните го заслужуваме пехарот” (Михајло Апостолски).

Манифестот, подоцна е растуран по цела Македонија, но и во тогашните Пиринска, односно Вардарска Македонија (класификација направена од Димитар Влахов, инаку меѓу партизаните – Јужна Македонија).

Пред големата офанзива, сите единици се префрлени во тогажна Јужна Македонија, при што за 11 дена, од Црвена Вода до Караџова, единиците поминале 300 километри и кај селото БУФ се споиле со тамошните партизани – Македонци, припадници на ЕЛАС.

Командантот на Главниот штаб, генерал Апостолски, во својата депеша, запишал: „…Кога стигнавме на Кајмакчалан многу добро не пречекаа. Водевме разговори. Политичкиот комесар Петрос, инсистираше да останеме тука, ни рече дека ќе не хранат цела зима. На Кајмакчалан и низ селата и градовите на Јужна Македонија, беше многу интересно. Ги видовме првите борбени единици (формации од етнички Македонци), подготвени за борба. Чекаа. Тука се сретнавме и со една руска чета. Нас тоа не изненади, бидејќи дотогаш немавме Руси кај себе. А тоа биле Руси кои се дотерани од германската организација ТОТ, што ги одржуваше патиштата, рудниците и слично. Тие од таму избегале, од тие работни единици и била формираана таа руска чета. Нашите партизани се испомешаа со Русите и со ЕЛАС-овците. Кај мене дојде едно размислување. Си реков: види, народот може да најде начин да се разбере. Мегу Тушин и Фуштани, во Јужна Македонија (термин на партизаните), водевме жестока борба со Германците. Во една земјанка, се збрале многу партизани и пеат заедно со Русите, песни што се пеат во Црвената армија.”

Веле Митаноски