28/03/2024
Дебрца

Во Црвена Вода се подготвува голема прослава на 3 Октомври, Денот на издавањето на Манифестот до македонскиот народ

Мештаните од село Црвена Вода, заедно со општина Дебрца, Организацијата на Сојуз на борци и Организацијата на ветераните од одбраната и безбедноста – за општините Охрид и Дебрца, интензивно се подготвуваат за големата прослава, на 3 октомври, по повод одбележувањето на Денот на издавањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, ден, кој се слави и како Патронен празник на општина Дебрца.

Очекуваат масовно присуство, но и учество на највисоките државни раководители, за што испратија соодветни покани.

„Ќе бидат поканети и очекуваме присуство на амбасадорите акредитирани во Северна Република Македонија, посебно од земјите – сојузници во Втората светска војна, како Велика Британија, Русија, САД, но и земјите од поранешната југословенска федерација,“ – вели претседателот на Месната заедница, Војдин Николески.

Наогајќи се суштински, веќе во НАТО, а чекајќи го формализирањето, на годинешната прослава, акцентот ќе биде ставен на воената соработка со сојузниците.

Партизаните добивале и значајна помош од Британците. Нивните авиони на Славеј планина, со подобрани, спуштале храна, облека, муниција, лесно вооружување (до автомати – шмајзери Стен), но и пари и злато. На теренот на Дебрца веќе имало 12 батаљони, подоцна распоредувани по бригади. На слободната територија биле отворени 13 училишта на македонски јазик. НОО во секое село.

Во Црвена Вода, Англиската воена мисија при Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, со мајорот Џон Квеин, била сместена во училишната зграда, сега – Спомен дом. Во училишната зграда била сместена и печатницата Гоце Делчев, емисионата радиостаница, Главниот штаб и делови од ЦК на КПМ.

„Сега е извонредно погоден моментот да се потсетиме, односно, од нашето село, да се испратат пораки за историските корени на соработката со Сојузниците, сега водечки членки на НАТО. Исто така, пред добивањето на датум за преговори со ЕУ, добар е моментот да се нагласи историското заедништво на Македонците,Турците, Албанците, Власите и други заедници, започнато со Крушево 1903, а продолжено за време на Втората светска војна, токму на теренот на Црвена Вода и историска Дебрца,“ – напоменува новинарот и публицист Веле Митаноски, претседател на Одборот за прослава во селото.

Митаноски потсетува дека во Манифестот се зборува и за соработка и пријателство и со бугарскиот, грчкиот и албанскиот народ.

„Очекуваме присуство на државниот врв, го поканивме Премиерот и владините претставници, а особена поддршка очекуваме од господин Стево Пендаровски, како претседател, но и врховен командант на АРМ, со надеж дека, одсега натаму, Денот на нејзиното формирање – 18 август, ќе се прославува во Црвена Вода, во чија близина е планината Славеј, но тоа е сосема блиску, а засега нема услови за пристигнување, освен со џипови.“ – додава Митаноски.

Црвеновочани, имаат силна поддршка, пред се, од општина Дебрца. Испратија барање, а Советот им одобри финасиска поддршка во висина од 10 илјади евра.По распишан тендер, се уредува училишната зграда, која е Спомен дом на македонската револуционерна борба, со Спомен соби на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, како и на писателот Ванчо Николески.

„Не случајно, 3 Октомври, Денот на Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, воедно е и Ден – Патронен празник на општина Дебрца. Поради тоа, започнавме со санација на Спомен училиштето. Се работи на демонтажа на старите подови и прозорци, бетонирање на подовите, поставување на керамички плочки, молерисување на внатрешни ѕидови, нови прозорци, нова електрична инсталација, шприцање на фасада, изработка на конзолна настрешница пред влезот и друго.Вкупната вредност на работите изнесува 589.535 денари , кои се обезбедени од Буџетот на општината за 2019 година. Имаме обврска да се однесуваме одговорно кон нашата историја, култура и традиција, да го чуваме и заштитиме нашето богато историско и културно наследство.Едно од тие историски места е селото Црвена Вода,“вели градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Неговиот соработник, архитектот на теренот Игор Мартиноски, сака да биде поетичен како црвеновочанецот Ванчо Николески:Училиштето ќе биде повторно убаво, цело и како јајце бело, исто како Ванчевото село грутче бело”.

Соодветно се вклучени и раководствата на Организацијата на Сојуз на борци и Организацијата на ветераните од одбраната и безбедноста – за општините Охрид и Дебрца.

„Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ.Тука, во Црвена Вода, се донесоа пресвртни одлуки за Македонија: формирањето на Иницијативниот одбор на АСНОМ, изборот на делегатите за заседанието на АВНОЈ, доаѓањето и престојот на Британската сојузничка мисија, функционирањето на Главниот штаб, пренесувањето на на ЦК на КПМ од Лопушник во Црвена Вода, првите диверзантски акции и многу други. Со Црвена Вода е поврзано создавањето на македонската држава и државност, со сите атрибути на власта и армијата, како и Црквата.Тука е формиран Иницијативниот одбор и извршен изборот на делегатите за АСНОМ во Црвена Вода, тука е кроена и усвоена и листата на делегатите што требало да патуваат на заседаниото на АВНОЈ,“вели Гоце Георгиевски, претседател на Општинската организација на Сoјузот на борци и потпретседател на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.

Една година (2013) на наше Барање од селото, Комисијата за култура при Собранието, прифати одбележувањето на овој ден да влезе во републичката програма на настани од национален интерес, но тоа не постана редовна практика.

(“…Манифестот е многу значајна работа. Секако, дека и иднината ќе го истакнува тоа. Затоа што е межникот на државотворниот чин на Македонија… (Михајло Апостолски). –…Крушевскиот манифест и овој од Црвена Вода, се мерат и по својата висина. Првиот на 1.300 метри. Овој, после 40 години, е нешто повисоко. Но и Никола Карев беше социјалист. За жал комитите, кутрите, не успеаја да создадат македонска држава, ама ние партизаните го заслужуваме пехарот (Михајло Апостолски).

Манифестот, подоцна е растуран по цела Македонија, но и во тогашните Пиринска, односно Вардарска Македонија (класификација направена од Густав Влахов, инаку мегу партизаните – Јужна Македонија).

Пред големата офанзива, сите единици се префрлени во тогажна Јужна Македонија, при што за 11 дена, од Црвена Вода до Караџова, единиците поминале 300 километри и кај селото БУФ се споиле со Еласовците.

Веле Митаноски