29/03/2024
Македонија

Во Мала станица вечерва се отвора Годишната изложба на ДЛУМ

Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ на Националната галерија на Македонија, вечерва во 19:30 часот ќе биде отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). На изложбата ќе се претстават 70 автори – членови на ДЛУМ од цела Македонија…

Од ДЛУМ потенцираат дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставуваат голем културен настан и токму затоа, со цел да ја задоволат желбата на членовите и публиката, еднаш годишно настојуваат да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност.

„На тој начин се враќа една убава пракса, кога секој уметник, член на ДЛУМ станува арбитар за себеси, а истовремено ја презема и целата одговорност и ризик на излагањето. Тоа секако ја зголемува самокритичноста, таа врвна доблест на старите мајстори“, велат од ДЛУМ, од каде додаваат дека и оваа година од страна на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе се доделат неколку награди и тоа за сликарство, скулптура и нови медиуми.