19/04/2024
Македонија

Во МАНУ одржана комеморација за академик Цветан Грозданов

Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет при УКИМ, денеска одржаа заедничка Комеморативна седница  по повод смртта на академик Цветан Грозданов, кој почина во саботата на 82 годишна возраст. Тажното собрание во МАНУ го отвори претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, а на комеморацијата присуствуваше семејството на академик Грозданов, претседателот Ѓорге Иванов, делегација на Владата на РМ предводена од министерот Едмонд Адеми, архиепископот на МПЦ, г.г. Стефан, академици, професори – пријатели на најугледниот византолог во земјава и прв министер за култура во независна Македонија.

komemoracija_groydanov_3_april_2018_foto_1

Академик Фити говореше за грандиозното и величествено дело на Грозданов, според временскиот период, но и според импозантноста на неговиот опус. „Делото на Грозданов и донесе престиж и репутација на Македонската академија на науките и уметностите и на Македонија. Во целокупниот опус на академик Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско – словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски па сè до 19 век. Автор е и на обемната монографија за црквата во Курбиново, една од најзначајните културни споменици во Македонија“, истакна академик Фити, кој рече дека академик Грозданов вечно ќе се памети како великан и врвен истражувач на раскошната културна историја и уметност на Република Македонија.

komemoracija_groydanov_3_april_2018_foto_2

За личноста и делото на академик Грозданов говореше академик Георги Старделов, кој рече дека неговиот колега и пријател беше богата и сестрана личност. „ Не е можно да се разграничи каде почнува, а каде завршува најпознатиот македонски византолог и редок проучувач на православното христијанство, каде почнува големиот и сестран историски мислител, а каде завршува признатиот професор од кого произлегоа многу поколенија на оригинални истражувачи“, посочи Старделов во својот емотивен говор. Говорејќи за атрибутите на Грозданов, како смиреноста и отмената мисла,  Страделов потенцираше дека со посветената работа кон историјата на уметноста на Македонија, и самиот академик Грозданов со своето творештво станува историско дело.

На комеморацијата говореа и деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, Ратко Дуев, и Сашо Цветановски од Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ, кој посочи дека академик Грозданов, како министер во првата Влада на независна Македонија, го заложи својот авторитет и знаење и, во еден сложен период за земјата, обезбеди континуитет на институциите во културата.