29/03/2024
Македонија

Во МНТ се подготвува претставата „Дух“ на Дуковски, во режија на Јаниќијевиќ

Во Македонски народен театар интензивно се подготвува најновата претстава со работен наслов „Дух“, според последниот текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Премиера се очекува кон средината на април на големата сцена на МНТ …
 
По соработката на претставите „Дракула“ (2008) и „Силјан штркот шанца“ (2016), ова е уште една соработка на веќе докажаниот тандем Дуковски – Јаниќијевиќ.
 
Како што најавуваат од МНТ, драмата зборува за трагедијата на едно современо семејство, кое ја губи куќата поради долгови, и притоа немаат начин како да го исплатат долгот кон доверителите, на кои куќата им ја ставиле под залог. Низ темата е истакнат бунтот на главниот лик кон социјалната и морална навреда во современото општество.
Во претставата играат: Гораст Цветковски, Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ,Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.
Сценографијата е на Велимир Жерновски, костимограф е Лидија Георгиевска, извршен продуцент е Виктор Рубен, а инспициент е Никола Кимовски.
Праизведбата на овој текст на Дуковски беше во 2015 година во Српско народно позориште, Нови Сад, во режија на Александар Поповски, а во септември 2016 година беше поставена и во Белград, во режија на Милан Нешковиќ.