19/04/2024
Македонија

Во МСУ почнува КРИК- фестивалот на критичка култура

Вечерва од 19 часот во Музејот за современа уметност во Скопје ќе биде отворено второто издание на КРИК – фестивал за критичка култура, кое годинава ќе се одвива на тема „Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала“…

Фестивалот ќе го отвори министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, а првата вечер е посветена на колективот за теорија, уметност и култура од Санкт Петерсбург „Что делат“? (Што да се прави?). Воведно предавање на тема „Вештерство и солидарност“ ќе има Оксана Тимофеева, од овој колектив, доцент на Европскиот универзитет во Санкт Петерсбург и виш научен соработник на институтот за филозофија на Руската академија на науките во Москва. Потоа ќе биде прикажан филмот “Palace Square 100 Years After. Four Seasons of Zombie” (2017).

„Что делат“ е колектив на уметници, критичари, филозофи и писатели од Санкт Петерсбург, Москва и Нижни Новгород, којшто има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. Групата е формирана во 2003 година.

КРИК фестивалот трае четири дена, и од 10 часот секој ден ќе се одвиваат семинари за колаборативниот перформанс „За настанувањето“, за пишување критика „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“ и за „За настанувањето“.

Од 20 часот утревечер и в сабота ќе се одржуваат предавања и дискусии, а фестивалот ќе се затвори в недела во 19 часот со јавен перформанс на „Что делат? и локалните учесници.

Учесници на овогодинешниот фестивал, покрај уметниците и активисти од колективот Что делат? Од Русија се и Сузана Милевска, Небојша Вилиќ и Владимир Јанковски од Македонија, Миљенка Буљевиќ, Антонија Летиниќ, Лука Остојиќ, Лујо Парежанин од Хрватска, Весна Милосављевиќ од Србија, како и Лара Плавчак и Миха Келемина од Словенија.

КРИК – фестивалот за критичка култура и на своето второ издание продолжува со својата цел, да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст. Годинешниот КРИК се одвива во партнерска соработка со организациите Курзив и Kulturtreger од Хрватска, SCCA-Љубљана од Словенија и SEECult од Србија. Стратешки партнери на КРИК и на Контрапункт се Мултумедијалниот институт од Загреб (МаМа), kuda.org (од Нови Сад) и окно.мк од Скопје.