29/03/2024
Македонија

Во Музејот на современата уметност од среда започнува Биеналето на млади уметници

На 28 февруари (среда) во Музејот на современата уметност започнува 12-тото Биенале на млади уметници, кое ќе трае до 28 март. Насловот на овој значаен ликовен настан е „Ќе биде ли доцна, ако времето запре?“, а куратори се: Ивана Васева, Бојана Јанева-Шемова и Владимир Јанчевски…

Во рамките на Биеналето ќе се реализираат: изложба и презентации на млади уметници од земјава, како и интернационална дискурзивна програма. Генералниот концепт околу кој се гради овогодинешното Биенале на млади уметници е во насока на истражување, преиспитување и анализа на феноменот на задоцнетост/задоцнување, ненавременост во поглед на историскиот развој на општествените прилики во земјава во рамките на уметничкиот систем и уметничките парадигми и начинот на кој се одразува во сите негови сегменти.

Учестуваат реномирани млади уметници, меѓу кои: Дарко Алексовски, Барски Брача (Марко Јанев и Филип Велковски), Димче Димески, Иван Дургутовски, Ана Јовановска, Амир Карахасан, Марија Конеска, Бисера Крцковска, Ана Лазаревска, Јана Луловска, Симона Манчева, Марко Гутиќ Мижимаков и други. На изложбата, која ќе биде отворена во рамките на манифестацијата, ќе бидат презентирани дела на дваесеттина уметници создадени во последните неколку години, односно дела настанати во периодот од последното издание на Биеналето на млади до денес, погледнати во контекст на презентациите на уметниците и интернационалната дискурзивна програма како основа за дефинирање на едно експериментално компаративно поле.

Биеналето на младите уметници се надоврзува на петгодишната манифестација „Современи македонски уметници – Млада генерација“ започната во 1967 година како одговор на потребите на развиената сцена преку воведувањето на селективност во претставувањето и следење на определени вредносни критериуми.