Во недела ќе се одржи манифестацијата „Охрид трчаТ 2018“

Подготовките за второто издание на масовниот спортско- рекреативен настан „Охрид трчаТ 2018“, што ќе се одржи во недела на 3-ти јуни се при крај. Трката на 10 и 5 километри ќе започне во 10 часот од градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ и ќе се одвива на однапред утврдената и на јавноста позната маршрута низ улиците на централното градско подрачје. Ова беше соопштено на денешната заедничка прес конференција на градоначалникот Јован Стојаноски и претставниците од организаторот, Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ Иван Цветкоски, Јоне Станкоски и Антонио Додевски.

„Бројката од 1025 учесници кои се пријавени за трките во недела зборува многу. Атлетскиот крем, претставници од политичкиот и јавниот живот ќе бидат дел од настанот. Охрид повеќе од сигурно спортски ќе пулсира. Во оваа прилика ги повикувам и сите останати охриѓани, најмлади и највозрасни да бидат дел од големиот спортско – рекреативен настан. Сите заедно да излеземе низ охридските улици и преку трките да го претставиме градов во најдобро светло во светски рамки. Меѓу другото да докажеме дека навистина во здраво тело има здрав дух. Постепено да создаваме здрави животни навики зошто така ќе си го направиме подобар својот и животот на најблиските. Во недела имаме единствена можност да трчаме и да се дружиме меѓу себе во градот кој плени со својата природна убавина и единствена култура. „Охрид трчаТ“ втора година по ред ќе докаже дека градов може да биде поинаков и поинтересен од вообичаено. Со ведар дух и позитивна мисла во зависност од физичката спремност да се приклучиме на трката од 10 илометри, која е наменета за професионални атлетичари и активни рекреативци или да бидеме дел од трката на 5 километри или тим- билдинг трката наменети за учесници на различни возрасти кои ќе се рекреираат и забавуваат.“ – рече градоначалникот Стојаноски кој од организаторите го доби учесничкиот број 1 .

Трката на 10 километри е тркачкиот професионален дел од целиот настан Охрид трчаТ. Таа пред се е наменета за активните рекреативци и професионални атлетичари кои сериозно влегуваат во борба со времето и спортските конкуренти за подобро место на трката. Се трча два круга низ улиците на Охрид како што е опишано на мапата.

Трката на 5 километри претставува рекреативна трка која е наменета за сите возрасти и која за главна цел има дружење, забава, афирмација на пораки и цели, како и промоција на трчањето кај најмладата популација и здравиот начин на живот. Се трча еден круг низ улиците на Охрид како што е опишано на мапата.

Организаторите, на денешната прес конференција порачаа дека „Охрид трчаТ“ е манифестација е своевиден празник за граѓаните и посетителите на кој се празнуваат забавата, рекреацијата, спортскиот дух и здравите навики кај луѓето.