29/03/2024
Дебрца

Во недела селските камбани ќе го означат почетокот на еколошко сенародно востание, во историска Дебрца!

Во недела, 22 април, (Денот на екологијата!), во пет до дванаесет часот, камбаната на „Свети Атанасија“, во историското село Црвена Вода, ќе го означи почетокот од еколошкиот бунт на жителите од општина Дебрца, но и од други градови во земјата, против владината намера за изградба на регионална депонија на територијата на оваа општина, кај селото Годивје, на неколку стотини метри од новиот автопат во изградба, Кичево-Охрид.

Звукот на црвеновочката камбана, слично како и во 1941-та, ќе го преземат и ќе го продолжат црквите во сите останати села, со што ќе започне второто, овој пат, еколошко сенародно востание!

Веднаш потоа, после селото Ботун, влезот во првоослободената територија за време на антифашистичката војна пред 7,5 децении, ќе биде запрен сообраќајот на автопатот Охрид-Скопје, откај кичевската страна и кај Ново Село и така ќе биде цели два часа, се додека трае големиот протест.

Обдезбеден е широк простор, на кој ќе можат да се паркираат до илјада лесни возила, додека автобусите на „Пупе Компани“ и „Омега“, ќе бидат во постојано вртење до Охрид и назад.

Интересот за протестот е огромен. Просторитте на Општинската организација на Сојузот на ветераните за Охрид и Дебрца, претпладнево, беа претесни да ги примат сите заинтересирани. Оваа асоцијација, пријави над двесте учесници-по список, исто толку и организацијата на Сојузот на борците и поддржувачи, а јавно се огласи и Општинската организација на Партијата на пензионерите, која, исто така, по список, ќе носи членови и симпатизери на протестот.

Координативното тело, веќе излезе со јавен проглас (Манифест!), а печатеше и плакати и помали флаери.

„Дебрчани, сега е моментот. Дебрца чиста ја наследивме, чиста и ќе ја оставиме, порачаа организаторите на протестот, кои во повикот потсетуваат на убавините на овој регион, но и на значењето на Дебрца во градењето на државата, тогаш кога било најтешко“, се вели во Прогласот.

Во подготовките е вклучена и локалната самоуправа од општина Дебрца, иако раководена од градоначалник од редовите на СДСМ и со Совет со мнозинство на истата партија.

Советот на општина Дебрца, претходно, едногласно ја отфрли одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија. Од Советот се огласија дека се решени да истраат до крај во намерата Дебрца да остане еколошки чиста и заштитена средина, без можност за сквернавење на нејзината природна еко рамнотежа.

Советниците, изгласаа заклучок целост да ја почитуваат волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение.

Од вкупно запишаните 4.625 граѓани во избирачкиот список, на референдум излеглоа 3.149 граѓани, или 68 проценти. Од излезените граѓани против изградба на регионална депонија се изјасниле 2.746 или 87 проценти, додека за изградба се изјасниле 297 или 13 посто од вкупно излезените граѓани.

Покрај референдумот, жителите на Дебрца го држат за збор и тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер, Зоран Заев, кој на предизборен митинг во Белчишта, седиштето на општината, јавно вети дека ќе се заложи да не се гради планираната депонија во Годивје.

Градоначалникот, Зоран Ногачески, изјави дека целосно ќе ја почитува волјата на граѓаните кои на референдум се изјаснија против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје.

Ногачески таквиот став го изнел и на средбата на премиерот и министерот за животна средина со градоначалниците, посветена на решавањето на проблемот со депонирањето и третманот на цврстиот отпад.

Градоначалникот Ногачески е категоричен дека не може да се оправда било какво решение за регионална депонија во срцето на Дебрца.

Ногачески уште еднаш го повикува надлежното министерство да отвори нова дебата и расправа по ова прашање, која ќе биде транспарентна, со вклученост на сите засегнати страни, како и стручната јавност, екологистите, еколошките здруженија и граѓаните да го изнесат својот став.

Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца.