29/03/2024
Охрид

Во Охрид ќе се одржи обука за парамедици според програмата PHTLS

Црвен крст Охрид во соработка со Националниот здравствен сервис на Холандија, започнува со обука за парамедици според програмата PHTLS (Pre Hospital Trauma Life Support).

Обука од овој вид, според европските стандарди и протоколи, за прв пат се спроведе во Охрид во септември 2016 година каде за потребите на Црвен крст Охрид беа обучени 16 парамедици. Позитивните искуства како и потребата за лица обучени за укажување на прва помош и реанимација во различни ситуации, и овој пат беше предизвик за Црвен крст Охрид и Националниот здравствен сервис на Холандија да организира обука за парамедици според програмата PHTLS (Pre Hospital Trauma Life Support).

Обуката ќе ја посетуваат 12 волонтери на Црвен крст Охрид, кои претходно беа избрани според посебни критериуми од страна на инструктори-парамедици од Националниот здравствен сервис на Холандија во соработка со Црвен крст Охрид и Општинското средно медицинско училиште Кирил и Методиј од Охрид. Обуката е поделена во 2 дела, првиот, уводен кој ќе се спроведува од 3-7 септември и на која веќе обучени парамедици на Црвен крст Охрид ќе ги запознаат учесниците на обуката со основните знаење за PHTLS (Pre Hospital Trauma Life Support) програмата, а во вториот дел од обуката која ќе се реализира од 26.9. до 4.10.2018 тројца инструктори-парамедици од Нациналниот здравствен сервис на Холандија, со помош на парамедиците на Црвен крст Охрид, со високо професионален пристап, најсовремена опрема и нагледни средства, ќе ги обучуваат кандидатите за парамедици со најнови знаења и техники во справување со најсложени ситуации и интервенции на укажување на прва помош, третман и реанимација на повредени.