28/03/2024
Спорт

Во Охрид ќе се одржи вториот по ред 7-мо ноемвриски турнир во баскет 3х3

Во Охрид ќе се одржи вториот по ред турнир во баскет “3×3” Охрид 2019, во организација на ЈП Билјанини Извори – Охрид под покровителство на Општина Охрид.

Турнирот се одржува по повод чествувањето на 7 – ми Ноември денот на ослободувањето на град Охрид. Започнатите кошаркарски возбудувања ги продолжуваме и оваа година на задоволство на сите многубројни кошаркарски рекреативци од Охрид и регионот. Минатата година бевме сведоци на интересни натпревари и кошаркарски потези исполнети со многу забава и дружење и на таков начин реализиравме спортски турнир кој со нетрпение сите повторно го очекуваме.

ЈП Билјанини Извори ги повикува сите заинтересирани, кои имаат желба да бидат дел од учеството и поддршката на турнирот, да дојдат во дирекцијата на ЈП Билјанини Извори (спортска сала Билјанини Извори, контакт 078/260-987) почнувајќи од понеделник 30 септември до 10 октомври, од 08-15 часот и да ја пријават екипата или се информираат околу активностите поврзани со организацијата на турнирот.

Како и минатата година сите заинтересирани за пријавување на тим треба да состават своја екипа 3+1 ( играч ) да пополнат апликација за учество (дирекција ЈП Билјанини Извори) и да уплатат котизација во висина од 3000 денари по екипа, на жиро с-ка 530000200889310 Охридска Банка АД Охрид. Крајниот рок за да го сторат тоа е 10 октомври.

На екипите кои учествуваат на турнирот, ние како претпријатие им овозможуваме поставување на бесплатна реклама ( името на спонзорот под кое настапуваат ), – банер 3м. x 2м. во Спортската сала за време на одигрувањето на турнирот.

Турнирот во баскет “3 x 3“ ќе започне да се игра во втората половина на Октомври, датумот дополнително ќе Ви го соопштиме, секој викенд ( сабота и недела), а финалето е предвидено за 7 – ми Ноември.

Натпреварите ќе се играат во попладневните часови (распоред на играње дополнително ќе се направи) на новите висечи кошеви паралелно на двата коша и при тоа ќе бидат вклучени двата семафори. Ќе се игра во систем по групи, а потоа ќе следи вкрстување и нокаут рунда.

За најуспешните три екипи обезбедени се парични награди од страна на главниот покровител на настанот Општина Охрид, организаторот на турнирот ЈП Билјанини Извори и собраните с-ва од котизација.

Бидете и Вие дел од вториот 7-ми ноемвриски турнир во баскет “3×3”