19/04/2024
Охрид

Во Охрид првото бебе во 2018 година е машко

Првото бебе во новата 2018 година во Охрид се роди денес и е машко. На свет го донесе Катерина Глигороска, која е мајка на уште две деца.

„Мајката и новороденчето се во добра општа состојба. Спонтано породување, бебето е со тежина од 3.520 грама и 51 сантиметри долго. Денес имаме и второ новороденче, женско, повторно од мајка која има уште две деца, донесено на свет со царски рез и е во добра состојба. Целиот тим им посакува на новороденчињата добро здравје, среќа и долг живот“, изјави д-р Мимоза Влаши, гинеколог акушер при Гинеколошкото одделение во охридската Општа болница.

Новите најмлади жители на Охрид, Градоначалникот Јован Стојаноски, ги посети па им посака добро здравје и како што е редот на традицијата, им подари пригодни подароци.

„Да растат живи и здрави, среќни со родителите, да имаат успех во животот, да напредуваат и да живеат во едно здраво и среќно општество. Да биде плодна и бериќетна година и овие две деца да донесат многу успех, радост и што повеќе деца да се раѓаат во Охрид, бидејќи луѓето се главниот ресурс во едно општество“, рече градоначалникот Стојаноски.

Новороденчињата за подарок од локалната самоуправа добија паричен чек во износ од 10.000 денари.