25/04/2024
Охрид

Во петок ќе биде отворена изложбата „Ана Франк – Историја за денес“ во Охрид

Младински образовен форум организира церемонијално отворање на патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес “ во петок (24.11.2017) со почеток во 19:00 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 10-ти декември 2017 година, а влезот е бесплатен.

Отворањето ќе биде проследено со поздравни говори од поканетите гости.

Изложбата претставува збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.

Она што ја прави оваа изложба поинаква е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, средношколци кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк. До сега, изложбата беше поставена во Скопје, Битола, Прилеп, Неготино, Струмица, Кавадарци, Тетово, Велес, Куманово, Крива Паланка и Струга.

Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“ поддржан од Европската унија. Во рамки на проектот воден од Куќата на Ана Франк, а во соработка со организациите МОФ, ХЕРМЕС, Младинска иницијатива за човекови права и Отворена комуникација, изложбата е достапна за младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.

Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на Anna Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.