19/04/2024
Струга

Во среда свечено отворање на „Струшки вечери на поезијата 2019“

Струга задутре, 21 август, по 58- ми пат ќе стане сцена на една од најголемите и најпрочуените културни манифестации во земјава, но и пошироко – поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ .

Во годинашното издание ќе учествуваат 32 странски и 30 домашни поети, програмата на фестивалот има 52 настани, а покрај Струга како град-домаќин, каде ќе се одржат најголем дел од настаните, поетите во рамките на програмата „Поезија на пат“ ќе се претстават и во Охрид, Калишта, Куманово, Велес, Прилеп, Небрегово и Скопје.

Една од новините во фестивалската содржина, за која сметаме дека ќе стане значителен белег на светски познатиот фестивал, е „Поетската порака“.

Автор на годинашната „Поетска порака“, која ќе биде прочитана на церемонијата на  отворањето на фестивалот е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.

Покрај ова, фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ годинава, во своето 58. издание, ќе понуди на учесниците и публиката уште неколку новитети.

-Најпрво, фестивалот ќе стане четиријазичен – покрај на македонски и англиски, главните читања на фестивалот ќе бидат и на албански и француски.

-Најголемиот дел од настаните ќе бидат пренесувани во живо на официјалниот YouТube.

– За главните фестивалски настани – Гала-отворањето и за затворањето на фестивалот ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево-Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга, а по завршувањето на настанот, ќе има враќање истата вечер.

Како новитет, „Струшки вечери на поезијата“ годинава преку повикот за волонтери, отвори можност за млади луѓе, вљубеници во пишаниот збор, да се ангажираат во логистичкиот дел на фестивалот и да добијат можност да се запознаат и да се дружат со врвни поетски имиња.

Фестивалските настани почнуваат в среда, 21 август 2019 година во 10 часот со садење дрво во Паркот на поезијата во Струга и поетско читање во чест на добитникот на „Златен венец“ на СВП за 2019 година, славната романска поетеса Ана Бландијана.

Потоа во 12:30 часот во Конгресната сала на хотелот „Дрим“ ќе се одржи прес-конференција со лауреатката Бландијана.

Гала-отворањето на „Струшки вечери на поезијата 2019“ ќе почне во 20:30 часот на платото пред Центарот за култура.  Половина час подоцна на истото место ќе почне поетското читање „Поетски меридијани“.

Програмата следниот ден, 22 август 2019 година, ќе продолжи во 10 часот во хотелот „Дрим“ со Портрет на Зоран Анчевски, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за 2018 година.

Целата програма на фестивалот може да се види тука.