Во Струга одбележана 10 годишнина на Школата за млади лидери на претседателот Иванов

Вчеравечер во Струга, со Гала вечера беше одбележана 10-годишнината од постоењето на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот на Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во изминатата деценија се одржува во Охрид и во Струга.

На Гала вечерата, на која присуствуваа учесници од десетте генерации и донатори, претседателот Иванов порача дека Школата за млади лидери во изминатите десет години станала препознатлив бренд.

„Успеавме една идеја, еден сон да го претвориме во реалност, во нешто што успеа. Успеа затоа што успеавме 400 млади луѓе да ги упатиме во предизвиците на времето во кое живееме, да ги упатиме во тајните на лидерството, да ги упатиме на сето она што е предизвик на 21 век. Успеавме затоа што станавме препознатлив бренд, кој веќе го практикуваат и други кои биле дел од школата. Успеавме и затоа што добивме светски признанија. Признаени сме и препознаени сме. Успеавме затоа што многу млади луѓе излегоа од школата насмеани, радосни и исполнети со среќа”, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател упати благодарност до сите поддржувачи на школата, компаниите, поединци, фондации, амбасади кои, како што рече, го препознаа овој проект и инвестираа во него.

„Голема благодарност, затоа што покажаа дека и без средства од државен буџет може да се направи успешен проект за една држава”, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател се заблагодари и на сите предавачи на школата, кои ги споделиле своите знаења, искуства и контакти со учесниците на школата.

PRM_Gala_vecer_02

Во изминатите десет години на школата учествуваа 400 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, г. Вацлав Клаус, г-ѓа Ваира Вике – Фреиберга и г. Валдис Затлерс, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, г. Борис Тадиќ, г. Георги Прванов, г. Петар Стојанов, г. Бамир Топи и г. Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, г. Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти, успешни компании и професори од реномирани светски универзитети.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани десет интензивни тренинзи за лидерство – вo 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019 година.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани се овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.

PRM_Gala_vecer_3