28/03/2024
Македонија

Во тек е втората фаза од истражувањето за навиките во исхраната кај децата

Како дел од активностите кои што произлегуваат од потпишаниот договор со Европската Агенција за безбедност на храна (ЕФСА) за реализација на проект за спроведување на истражување за навиките во исхраната на деца од 1 до 9 годишна возраст, во текот на месец февруари 2019 година, Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Институтот за јавно здравје започна со спроведување на втората (зимска) фаза од истражувањето. Зимската фаза на истражувањето ќе трае до 15 март, а анкетите ќе се спроведуваат на целата територија на Република Северна Македонија, при што ќе бидат опфатени 270 домаќинства.

Истражувањето кое што се спроведува согласно европската методологија за ваков вид истражување, а кое ЕФСА го спроведува неколку години во земјите членки на Европската унија, за прв пат, покрај навиките во исхраната во Република Северна Македонија за одредената категорија лица, и македонските традиционални јадења, како дел од националното мени, ќе станат дел од таканареченото ЕУ мени.

Соработката со ЕФСА, особено преку овој проект е важна затоа што проектот за прв пат се спроведува во нашата земја и ќе обезбеди база на точни и веродостојни податоци за навиките во исхраната за оваа категорија на популација. Собраните податоци се предуслов за процесот на процена на ризик и управување со ризик во земјата како и неопходен елемент за идниот развој на активностите поврзани со исхраната и креирање на политика на исхрана. Во периодот од октомври до декември 2018 година, во рамки на проектот беше реализирана првата (есенска) фаза на главното истражување во која учествуваа 270 домаќинства од сите 8 официјални статистички региони во Република Северна Македонија.