16/04/2024
Македонија

Водокрст, Преподобната мајка Синклитикија, Св.мч.Теопемт и маченикот Теона (строг пост)

Денот пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, е празникот наречен Водокрст, на кој секоја година се извршува голем Богојавленски водосвет. За православните христијани денеска е строг пост.

Денес се слави празникот посветен на Преподобната мајка Синклитикија.

Преподобната мајка Синклитикија, по потекло од Македонија. Воспитана во Александрија. Како богата и угледна девојка многумина ја бараа за брак, но таа сите ги одби и побегна од домот на нејзините родители во манастир. Поживеа осумдесет години, во најголемо воздржание, пост, бдеење и молитва. Нејзините поуки за монахињите се секогаш сметани за вистински духовни бисери, бидејќи Света Синклитикија високата духовна мудрост ја стекна не преку книги, туку преку страдање, мака, низ деноноќно богомислие и духовно општење со Божествениот свет. Во тој возвишен свет со душата се пресели во 350 година. Меѓу другото, говореше преподобната Синклитикија: „Ако е време на пост не оставај го постот божем заради болест, зашто и оние што не постат запаѓаат во исти болести“. Уште велеше: „Како што изложеното богатство брзо го раграбуваат така и добродетелта, кога се разгласува, се помрачува и се губи“.

На овој ден се слави и празникот посветен на Светиот свештеномаченик Теопемт и маченикот Теона.

Кога Диоклецијан објави гонење на христијанинте, никомидискиот епископ Теопемт беше првиот кој пострада за Христа. Го изведоа пред царот и царот му се закани со смртна казна ако не се одрече од Христа. На оваа закана храбриот епископ одговори: „Напишано е: не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Ти цару, имаш власт над моето тело, прави со него што сакаш“. Многу го биеја, го мачеа со глад и го истизаваа на разни начини. Најпосле царот повика еден маѓепсник, Теона, да му доскокне на Божјиот човек со некои магии. Теона раствори во вода најјак отров и му го даде на Теопемт да го испие. Овој ја прекрсти чашата и го испи отровот. Кога виде Теона дека неговиот отров воопшто не му наштети на Теопемт, се заврте кон царот и возвикна: „И јас сум христијанин и Му се поклонувам на Распнатиот“. Обајцата ги осудија на смрт. Теопемт го убија со меч, а Теона жив во земја го закопаа, во 298 година. Чесно пострадаа и станаа граѓани на Царството Христово.