25/04/2024
Македонија

Врачени наградите за најуспешните ликовни и литературни творби за Денот на штедењето

Министерството за финансии, Народната банка на Република Македонија и Агенцијата за супервизија на осигурувањето ги врачија наградите за најуспешните ликовни и литературни творби пријавени на конкурсот по повод Денот на штедењето – 31 Октомври. На конкурсот учествуваа над 780 деца, кои испратија ликовни и литературни творби на тема штедење и осигурување.

Финансиската едукација на населението, особено на најмладите треба да се поттикнува, бидејќи тоа е важно за стабилноста на финансискиот систем и просперитет на економијата, порачаа министерот за финансии Драган Тевдовски, гувернерот на НБРМ Димитар Богов и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски при доделувањето на наградите за Конкурсот објавен по тој повод.

Според министерот Тевдовски, децата се иднината на земјата и секој што е во позиција да носи одлуки треба да води сметка за нивната иднина.

„Треба да им предочиме на децата дека штедењето е важно, бидејќи тоа е основа за развој на македонската економија“, – истакна Тевдовски.

Гувернерот Богов посочи дека во насока на зголемување на финансиската едукација на младите, Народна банка потпиша меморандум за соработка со Бирото за развој на образованието што ќе отвори поголем простор за соработка со училиштата и учениците.

Тој најави дека наскоро ќе биде објавен и водич за финансиска едукација за најмладите.

Климе Попоски од АСО потенцира дека децата се носители на севкупниот економски и финансиски развој на РМ и оти раната финансиска едукација претставува клучен фактор за долгорочниот одржлив развој на финансискиот систем.

Во развиените земји степенот на финансиска едукација на населението е 65 проценти, а во новите земји членки на ЕУ тој процент кај населението над 18 години изнесува 22%.