20/04/2024
ИнтервјуОхрид

„Враќањето на долгот од 50 милиони евра е преголем залак и за бајковитата златна рипка“ – Златната рипка и трите желби на градоначалникот на Охрид

Почитувани, WebOhrid ви вети и ветеното го исполнува, иако во вонредни временски услови со кои се справува и градот и државата, сепак градоначалникот д-р Никола Бакрачески најде време да го задоволи нашето и вашето љубопитство и да одговори на неколку предновогодишни релаксирачки прашања и да си посака три остварувања на трите негови желби упатени до нашата “златна рипка”.

WebOhrid: Кои три настани би ги избрале за најважни во 2014 година?

Бакрачески: Најпрво ја имав таа чест да бидам кум на Богојавление – Водици во текот на 2014 година, за мене тоа беше вдуховено чувство на чест и гордост и секако нешто што е привилегија на еден граѓанин на Охрид, Р.Македонија и пошироко. Секако дека организацијата на Богојавление – Водици која што за прв пат помина беспрекорно во сите сегменти на организација на сите тие активности за време на одржување на празникот и секако најголемата масовност од почетокот на ова организирање на овој голем духовен и верски празник, кој постигна рекорден број посетеност во Охрид.

Отворањето на производствениот погон на ОДВ електрик и одлуката на КОСТАЛ да отвори свој погон на охридската ривиера. Во наредните три години би се вработиле од 1800 до 2000 луѓе.

Што се однесува до работењето на Општина Охрид и Локалната самоуправа која што секако е наша најголема преокупација, враќањето на 4 милиони евра наследен долг е настан којшто навистина заслужува големо внимание, бидејќи се случува за првпат во поновата историја на Охрид за толку кратко време од година – година и пол да се врати толку голема сума на пари, односно да се сервисираат 4 и пол милиони евра долг, тоа за мене е еден од настаните кои навистина треба да биде одбележан.

WebOhrid: После кои три желби би ја вратиле Златната рипка во вода? Што очекувате, (а што посакувате) кои три настани би било добро да се случат за доброто на Охрид, кои три за доброто на Македонија и кои три за доброто на светот?

Бакрачески: Кога златната рипка би била толку моќна како што ја кажуваат во приказните тогаш би посакал до крајот на мојот мандат да го вратам целокупниот долг на Општина Охрид, меѓутоа, знам дека тоа ќе биде преголем залак дури и за златната рипка. Она што ќе биде моја најголема желба за 2015 година, доколку успееме да ја завршиме современата пешачка и велосипедска зона од каналот Студенчишта до Парк во најголем дел или поголемиот дел од  патеката да ја завршиме во 2015 година, секако отворање на фабриката КОСТАЛ во Охрид и вработување на најголем дел од оние поранешни вработени од ЕМО, коишто низ годините наназад останаа без работа и без основна егзистенција, а секако во истата желба очекувам ОДВ електрик да го исполни она што беше нејзин план, да вработува поголем број на луѓе во текот на 2015 година, значи да вработи можеби неколку стотини луѓе кои заедно со КОСТАЛ би збриниле значителен број на семејства.

Втората желба нека биде изградбата на поголем дел од патеката помеѓу каналот Студенчишта и Парк, се работи за една од најсовремените пешачки зони во Република Македонија и најатрактивни со оглед  на тоа што се наоѓа на брегот на Езерото која ќе биде со ширина од 12 метри, ќе има две пешачки зони, две велосипедски и две за ролери и на средина ќе биде хортикултурно уредена со најсовремено осветлување.

Третата моја желба во 2015 година која би била поголема е секако отпочнување со работа на капиталните инвестиции кои што ние ги ветивме за граѓаните на Охрид, а тоа се Градскиот пазар, катната гаража, автобуската станица и затворениот пливачки базен. Јас сум убеден дека овие три желби не се голем залак за златната рипка и дека ќе ми бидат исполнети, па ќе ја вратам со задоволство во водата.

Она што е поврзано со првата моја желба е тоа да се отворат нови производствени и индустриски капацитети во Република Македонија, кои ќе отвораат нови работни места за младите луѓе, за образовниот кадар во Р.Македонија, кои ќе збринуваат се повеќе и повеќе фамилии и ќе го намалат бројот на невработени луѓе во Македонија и ќе донесе среќа во македонските семејства изразена преку можноста за нивна егзистенција, остварување на своите вработувања, преку овозможувања на професионален развој на сите оние образовни кадри во Р.Македонија и на тој начин можност својата среќа и својата иднина, својата кариера да ја гледаат тука во Македонија, а не надвор од границите на Македонија. Секако дека би сакал конечно Република Македонија го реши спорот со името со Грција којшто несомнео е главна пречка десетици години наназад за интеграција на Македонија во НАТО и Европска унија, сакам да ја видам Македонија рамноправна членка на НАТО и ЕУ и секако не само тоа туку и вака искрено се надевам дека еден ден Македонија ќе воспостави искрени и пријателски односи со Грција, а и со сите соседи, пред се со Грција. Секако дека би сакал Македонија да биде земја на среќни луѓе, луѓето да имаат што помалку грижи, што помалку разидувања и политички и партиски и професионални, повеќе луѓето да се сплотуваат, да се дружат, да бидат што помалку зависни од политичката припадност, а што повеќе да се социјализираат, да се вратат оние традиционални вредности на урбаното маалско живеење или живеење на село, како што беше некогаш. Што се однесува на светски рамки значи секако дека би сакал да престанат сите оние кризни жаришта кои што во моментов постојат во светот, мислам на војната во Украина, секако и војни жаришта во Ирак, Сирија, нестабилноста на Авганистан и Пакистан, би сакал да го видам светот во една осцилација во која што повеќе би се водело сметка за солидаризирање со оние сиромашни народи што постојат во светот, посебно со земјите од Централна и Јужна Африка, свет во кој ќе има поголема рамноправност на народите и нациите во делот на вклучување во големото семејство на ОН, свет кој што нема да има разлики, во кој што ќе се стеснуваат разликите помеѓу богатите и сиромашните држави кои што ќе овозможуваат прогрес на целокупното човештво, секако како лекар би сакал развој на медицинската наука, што ќе овозможи конечно искоренување на болести како што се СИДАта или прогрес во лекувањето на некои малигни заболувања кои имаат полоша прогноза во однос на останатите малигни заболувања, подигање на свесноста на населението за заштита на човековата околина, заштита на природата, опкружувањето, свет којшто ќе биде поодговорен кон она што значи традиција, изворност, обичаи, менталитет на народите и нациите, што повеќе негување на таквите вредности кои што ги зближуваат, соединуваат луѓето, а не ги раздвојуваат.

WebOhrid: Каква социјална политика води Општина Охрид?

Бакрачески: Општина Охрид е една од водечките општини во поглед на реализирани низа проекти од областа на социјалната сфера.

– Проект стипендии за ученици и средношколци – проект за поддршка и стимулирање на талентираните ученици и студенти.

– Проект субенционирање на дел од комуналните трошоци на социјално ранливите граѓани;

– Проект Стимулирање на наталитетот;

-Проект бесплатни курсеви по англиски, германски јазик и информатика за студенти и невработени лица;

-Проект за поддршка на Центарот за згрижување на лица со посебни потреби -Зраци;

-Проект за семејства чии куќи биле опожарени;

Во рамки на социјалната програма  општината има предвидено и доделување на  пакети со храна  и дрва  за огрев  на ранливите категории.

Општината активно се вклучува со свои средства во хуманитарни акции кои ги реализира заедно со Црвен Крст- Охрид. Се вклучивме во акцијата за спас на настраданите во поплавите во Босна. Се вклучивме во акцијата по повод неделата за борба против гладта.

WebOhrid: Граѓаните се заинтересирани за проектите што ќе бидат проритет за остварување во 2015 година. Со што можеме да го задоволиме нивното очекување?! Кои се всушност инфраструктурните приоритети за Охрид и за охриѓани, планирани за 2015?

Бакрачески: На почетокот од 2015 година во месец март или април, општина Охрид започнува со реализација на крупни инфрастуктурни проекти пред се во делот на градба односно реконструкција и адаптација на неколку главни сообраќајници. Ќе се започне и со градба на капитални објекти во Охрид.

Во наредната година ќе бидат изградени пет кружни текови. Од нив два ќе се градат со средства од Светска Банка а останатите три ќе се градат со пари од буџетот на Општина Охрид.

Двата кружни токови кои ќе бидат на улица Туристичка ќе се градат со средства од Светска Банка. Едниот е на раскрсницата на која се пресекуваат улиците: „Туристичка“ и „Бистрица“. Другиот кружен тек ќе биде на раскрсницата помеѓу „Туристичка“ и „Македонски просветители“.

Останатите три кружни текови со сопствени средства ќе ги изгради општина Охрид.

Едниот ќе биде на пресекот меѓу улиците „Туристичка“ и „Абас Емин“ вториот ќе биде на пресекот меѓу „Туристичка“ и „Јане Сандански“ а третиот кружен тек ќе биде на пресекот меѓу улиците „Туристичка“ и „Стив Наумов“.

Ќе бидат реконструирани пет улици со изградба на атмосферска канализација во населбите Далјан и Воска. Ќе се гради улицата „Илија Смически“ во Лескоец кој беше еден од најсериозните проблеми со која се соочуваа граѓаните на оваа урбана заедница во изминатите неколку години. Исто така ќе се набават неколку современи возила за ЈП „Охридски Комуналец“.

Во наредната година се очекува да се започне со градба на неколку капитални објекти во Охрид.

Ќе се започне со изградба на затворениот зелен пазар кој што е планирано да се гради во траење од 24 месеци. Други два крупни а ветени проекти кои ќе ги реализираме се катна гаража и доколку најдеме инвеститор ќе започнат градежните активности за изградба на современа автобуска станица. Во наредната година ќе започне изградбата на затворениот пливачки базен.

WebOhrid: Која е Вашата новогодишна порака до охриѓани и до Македонците ширум Македонија и светот?

Бакрачески: Јас би сакал охриѓани во идната година да имаат што помалку грижи, да ги заборават лошите работи од 2014 година, да ги насочат своите активности кон враќање на традиционалните вредности на семејството, враќање на сите оние вредности на едно маалско живеење за што сите чезнееме. Би сакал луѓето да ги остварат своите желби во делот на вработување, она што е основен проблем на граѓаните на Охрид. Би сакал да бидат што повеќе посветени кон општите вредности, кон пријателите, кон другарите, да не ги забораваат роднините, да изградат еден одговорен однос кон општествената заедница во Охрид и да ги координираат своите индивидуални напори на своето работно место, во семејтвото, во средината во која живеат, во насока на градење на еден поубав Охрид, Охрид на среќни и безгрижни луѓе, Охрид кој ќе биде топ-туристичка дестинација, не само за Балканот, туку и за Европа и другите континенти, Охрид за кој што ќе знае целиот свет, којшто ќе има мултиплицирано неколку пати повеќе туристи од она што имаше изминатите години, Охрид кој што ќе биде град на култура, кој што ќе има културни настани покрај „Охридско Лето“ во текот на целата година кој што ќе го врати сјајот на културен центар онака како што бил пред еден век, во времето на нашите големи просветители или учители – Климент и Наум, ќе ги врати вредностите на духовна престолнина и ќе го врати сјајот на еден центар од каде што ќе се шири, ќе може да се развива образовниот систем. Посакувам да вратиме што поголем број на факултети и универзитети во градот Охрид и Охрид навистина да го врати имиџот на универзитетски град онака како што бил на времето на основањето на првиот универзитет на Св.Климент. Би сакал Охрид да го видам како град во кој ќе цутат и развиваат спортовите со оглед на тоа што тоа е нешто што луѓето од Охрид го посакуваат, не само младите кои спортуваат туку и оние кои го гледаат спортот и кои што живеат со спомените од минатото, пред се во делот на фудбалот, ватерполо и пливањето, ракометот, кошарката и сите оние спортови кои што навистина Охрид долго време посакува да ги врати на пиедесталот. Она што за мене е најважно во 2015 година да работиме на што поголем број на вработувања, да се намали бројот на невработени, да се намали сиромаштијата во Охрид и би сакал да ги гледам луѓето среќни, радосни и весели, да видам ведрина на нивните лица.

Градоначалник, Ви благодариме што изнајдовте време во овие вонредно тешки зимски услови и се одѕвавте на нашето љубопитство. Дозволете на крај да Ви упатиме искрени честитки во името на уредувачкиот тим на WebOhrid со желба за Ваша лична и семејна среќа!

Нека 2015 година за Охрид и за охриѓани биде година на остварени желби!

WebOhrid